Во пресрет на празникот Духовден – Педесетница, Н.В.П. монс. Киро Стојанов, Скопски бискуп и Струмичко – скопски епарх во парохија „Свети Иван Крстител“ во Куманово на четири млади им ја подели Светата Тајна Потврда – Миропомазание.
На самиот ден на празникот Педесетница, 5 јуни 2022 година бискупот Стојанов во во Катедралата „Пресвето Срце Исусово“ во Скопје на осумина меѓу кои и тројца возрасни им ја подели Светата Тајна Крштение, Света Причест на Првопричесниците и Света Потврда, вкупно 25 млади.
Во својата проповед бискупот Стојановмеѓу другото рече: Исус Христос го основа христијанството – Црквата, во нејзините темели го вгради своето учење, својата наука и својот живот. На овие темели ќе бидат вградени сите векови до крајот на светот, постојано ќе се доградува никогаш довршената зграда: жива, света зграда на божествената вистина, живот, љубов, светост. Во оваа света зграда и ние сме вградени, оваа света зграда ја градат и нашите раце, рацете на сите нас. А луѓето-градители да не би погрешиле и да не ги искриваат божествените планови, Исус вети и испрати до Црквата Бого-градител: Светиот Дух, Духот на вистината, Духот на светоста.
Охрабрувајќи ги младите ги повика родителите и кумовите како и самите верници да се молат за нив и да им бидат духовна потпора во нивниот живот.
Ватикан њуз/к.мк