Сé е подготвено за конклавата

Сé е подготвено за конклавата

Во понеделник, 5 мај 2025 година, се одржа десеттата Генерална конгрегација на кардиналите изборници: 26 презентации на различни теми, вклучувајќи ги загриженоста за поделбите во Црквата, предизвиците за пренесување на верата, грижата за созданието, војните и очекувањата од пастирот, кој треба да биде близок до луѓето во поделен свет. Камерленгото со жрепка ги опредли во Домот Света Марта, а дел од кардиналите ќе бидат сместени и во стариот дел.

Сè е подготвено за почетокот на конклавата, во среда, 7 мај, на која кардиналите ќе го изберат новиот Папа на универзалната Црква. Сите 133 кардинали изборници пристигнаа во Рим од сите делови на светот. На Десеттата Генерална конгрегација на Кардиналскиот колегиум во новата Синодска сала присуствуваа 132 кардинали избирачи, заедно со уште 47 кардинали на возраст над осумдесет години (според тоа, вкупно присуствувале 179). Разговараа за потребите на Црквата и карактеристиките кои треба да ги има новиот Папа.

Презентации на десеттата Генерална конгрегација

„Многумина очекуваат пастир кој е близок до луѓето, кој ќе се залага за единство, во свет каде што светскиот поредок е во криза“, рече Матео Бруни, директор на Канцеларијата за печат на Светиот Престол, на брифингот за новинарите. Уште една седница на конгрегацијата ќе се одржи попладне поради бројни барања од кардинали кои сè уште би сакале да ги одржат своите презентации. Денес тие разгледаа бројни и различни теми како што се, на пример, канонското право и улогата на државата Ватикан; мисионерската природа на Црквата; улогата на Каритас во заштита на сиромашните; предизвиците на пренесувањето на верата, грижата за создадениот свет, војните и поделениот свет. Други теми вклучуваа активности за духовни повици, семејството и образованието на децата; соборни документи, особено Dei Verbum; Евхаристија и грижа за сиромашните.

Посебен акцент беше ставен и на загриженоста за поделбите во Црквата, што е „знак дека Евангелието има смисла за денешниот свет, како повик за одговорност“, истакна Бруни. Кардиналите, исто така, се потсетија на молитвата на папата Фрањо на празниот плоштад „Свети Петар“ за време на пандемијата на Ковид на 27 март 2020 година, како еден од најзначајните моменти од понтификатот на Папата, кој беше запаметен „како знак на отворената врата на надежта во стравот“.

Распределени се собите во Дом Света Марта

Во сабота попладне, кардиналот Камерленго Џозеф Кевин Фарел со ждрепка ги опредлисобите. Нема детали за тоа колку кардинали ќе бидат сместени во Домот Света Марта, резиденцијата на папата Фрањо во текот на сите дванаесет години од неговиот понтификат, а колку во стариот дел, зградата веднаш до него. Бруни, исто така, истакна дека нема индикации кои соби се затворени во Домот Света Марта, земајќи го предвид просторот на вториот кат каде што папата Фрањо престојуваше до 21 април.

Заклетва на службеници и работници

Покрај кардиналите, персоналот кој ќе помага за време на самата конклава, вклучувајќи службеници, работници, медицински сестри, готвачи, исповедници, положија заклетва во понедленик. Администрацијата моментално е задолжена за организацијата на сместувачките простори, во однос на логистичкиот дел во државата Ватикан и безбедноста што ја спроведува Ватиканската жандармерија. Безбедносните сили се очекуваат и долж патот што ќе биде затворен, околу еден километар, а по кој кардиналите ќе се движат во поворка од Домот Света Марта до Сикстинската капела, но ќе биде дозволен пристап до другите канцеларии на Ватикан. На кардиналите не им е забрането да разговараат едни со други додека се движат.

Прашања за контакт со светот и чад

Според конституцијата Universi Dominici Gregis, на кардиналите им е забрането да имаат контакт со светот, како мерка на претпазливост за да се избегне какво било мешање во гласањето. Кардиналите се повикани и да ги остават своите мобилни телефони во Домот Света Марта. Пред неколку дена, кардиналите избирачи добија папка со фотографии и биографии на сите учесници на конклавата.

На крајот од брифингот, имаше многу прашања за чадот (црн ако новиот Папа не е избран и бел ако е избран) кој ќе излезе од оџакот монтиран на покривот на Систинската капела. Матео Бруни објасни дека чадот ќе излегува двапати на ден, еднаш наутро и еднаш доцна попладне, но нема попрецизни временски рамки. Ако белиот чад се појави пред тоа, тоа ќе биде знак дека е избран нов Папа.

Ватикан њуз/к.мк

Категорија: Ватикан, Вести

За авторот