Папата Фрањо во вторник наутро 8 декември 2020 година, на празникот Безгрешно зачнување на Пресвета Богородица, го посети Шпанскиот плоштад (Piazza di Spagna) и во молитва го довери градот Рим и целиот свет на Богородица.
Во 7.00 часот наутро, папата Фрањо отиде на Шпанските скали за да искаже кратка лична побожност кон Пресвета Богородица на денот кога во Литургијата се споменува таинството за нејзиното безгрешно зачнување. Според изјавата дадена од директорот на Канцеларијата за печат при Светиот Престол, Матео Бруни, папата Фрањо положил букет рози во подножјето на статуата на Богородица и упати молитва „да гледа со љубов на Рим и сите негови жители, доверувајќи го целиот град и светот, кои се погодени од болести и малодушност“.
Во изјавата на Бруни се додава дека околу 7.15 часот Папата ги напуштил Шпанските скали и заминал во Папската базилика „Света Марија Велика“. Таму се „помолил пред иконата на „Марија спасение на римскиот народ (Maria Salus Popoli Romani) и славеше света Литургија во криптата на Рождеството Христово“. Потоа Светиот Отец се вратил во Ватикан.
На 30 ноември Ватикан објави дека Светиот Отец оваа година нема да учествува во традиционалното почитување пред статуата на Пресвета Богородица, која се наоѓа на Шпанскиот плоштад. Во изјавата дадена тој ден, Матео Бруни објасни дека одлуката е донесена поради постојната здравствена криза „за да се избегне опасноста од ширење на заразата како резултат на собирање луѓе“.
Ватикан њуз/к.мк