Пред летниот одмор папата Лав го посети Кастел Гандолфо

Пред летниот одмор папата Лав го посети Кастел Гандолфо

Папата Лав XIV изврши кратка посета на градот Кастел Гандолфо за да iизврши увид во тековните работи во папската резиденција, каде што ќе го помине својот летен одмор кој започнува во недела, на 6 јули.

Во четвртокот попладне, на 3 јули 2025 година, папата Лав XIV ја посети Вила Барберини, која се наоѓа во населбата „Борго Лаудато Си’“ („Село Лаудато Си’“) во Кастел Гандолфо, за да изврши увид во тековните работи – потврди Канцеларијата за печат при Светиот Престол.

Од недела, 6 јули, Папата ќе престојува во овој град, кој се наоѓа на 25 километри од Рим, каде ќе остане до 20 јули.

Во текот на тие 14 дена, Папата ќе служи света Литургија во недела, на 13 јули, во 10:00 часот, во Папската парохиска црква „Свети Тома од Вилановa“. Во 12:00 часот, ќе ја предводи молитвата Ангел Господов на Плоштадот на слободата, пред Апостолската палата.

Во недела, на 20 јули, во 9:30 часот, Папата повторно ќе служи Литургија во катедралата во Албано. Пред неговиот избор за Папа, тогашниот кардинал Роберт Превост бил титуларен епископ на дијецезата Албано.

Истата недела, во 12:00 часот, папата Лав XIV повторно ќе ја предводи молитвата Ангел Господов на Плоштадот на слободата, по што попладнето ќе се врати во Ватикан.

Сите приватни аудиенции, како и сите останати аудиенции, се суспендирани за целиот месец јули. Генералните аудиенции ќе продолжат во среда, на 30 јули. Во деновите што следуваат, од 28 јули до 3 август, ќе се одржи Јубилејот за младите, на кој се очекува присуството на Светиот Отец.

На 29 мај, папата Лав XIV веќе еднаш го посети Кастел Гандолфо за да го разгледа Борго Лаудато Си’ („Село Лаудато Си’“).

Овој проект беше создаден од папата Фрањо во 2023 година, во рамките на Папските вили, како образовен простор за прашања поврзани со животната средина – конкретен израз на „интегралната екологија“, која се наоѓа во срцето на енцикликата Laudato si’, објавена пред десет години.

Во таа прилика, папата Лав ја посети и Апостолската палата, која папата Фрањо ја трансформираше во музејски комплекс отворен за јавноста во 2016 година.

Ватикан њуз/к.мк

Категорија: Ватикан, Вести

За авторот