Порака на Светиот Отец Фрањо за 3. Светски ден на баби, дедовци и стари лица

Порака на Светиот Отец Фрањо за 3. Светски ден на баби, дедовци и стари лица

Го објавуваме текстот на Пораката на Светиот Отец Фрањо за 3. Светски ден на баби и дедовците и стари лица што се прославува во четвртата недела во јули – годинава на 23 јули – на тема „И милоста Негова е од колено на колено“ (Лука 1, 50).

„И милоста Негова е од колено на колено“ (Лука 1, 50)

Драги браќа и сестри!

„И милоста Негова е од колено на колено“ (Лука 1,50) е тема на третиот Светски ден на бабите, дедовците и старите лица. Оваа тема нè навраќа на блажената средба на младата Марија со нејзината постара роднина Елисавета (сп. Лука 1,39-56). Таа, исполнета со Светиот Дух, упатува на Божјата Мајка зборови кои, повеќе од два милениуми подоцна, продолжуваат да одекнуваат во нашата секојдневна молитва: „Благословена си ти меѓу жените и благословен е плодот на твојата утроба!“ (р. 42). Светиот Дух, кој веќе слезе на Марија, ја вдахновува да одговори со Величај (Magnificat) во која навестува дека Господовото милосрдие се протега од колено на колено. Истиот тој Дух ја благословува и ја придружува секоја плодна средба меѓу различните генерации, меѓу бабите и дедовците и внуците, меѓу младите и старите. Имено, Бог сака младите да ги развеселуваат срцата на постарите, како што Марија направи со Елисавета и да стекнуваат мудрост врз основа на нивните животни искуства. Но, Господ, пред сè, сака постарите да не ги оставаме сами, да не ги туркаме на маргините на животот, како што за жал често денес се случува.

Убаво е што оваа година одбележувањето на Светскиот ден на бабите и дедовците и старите лица и Светскиот ден на младите се календарски многу блиску. Двата настани ја имаат за тема „брзањето“ на Марија (сп. р. 39) при нејзината посета на Елисавета и на тој начин нè наведуваат да размислуваме за односот меѓу младите и постарите. Господ се надева дека младите луѓе во средбите со постарите, ќе го прифатат повикот да ги чуваат спомените и да го препознаат, благодарение на нив, дарот на припадност на една поголема историја. Пријателството со некоја постара личност ѝ помага на помладата да не го сведе својот живот на сегашноста и да се сети дека не зависи сè од нејзините способности. За постарата личност пак, присуството на помлада личност дава надеж дека тоа што го доживеала нема да се изгуби и дека соништата ќе се остварат. Накратко, посетата на Марија кај Елисавета и свесноста дека Господовото милосрдие се пренесува од колено на колено открива дека не можеме сами да напредуваме, а камоли да се спасиме, и дека Божјото присуство и дејствување се секогаш дел од нешто поголемо, историјата на еден народ. Самата Марија тоа го вели во нејзиното Величај, извикувајќи од радост во Бога, Кој направил нови и изненадувачки чуда, верен на ветувањето дадено на Авраам (сп. р. 51-55).

За подобро да го разбереме начинот на кој делува Бог, потсетуваме дека времето треба да се гледа како целина, бидејќи најголемите реалности и најубавите соништа не се остваруваат во миг, туку преку растење и созревање: во движење, во дијалог, во однос. Затоа оној што се фокусира само на моменталното, на сопствените придобивки што треба брзо и лакомо да се постигнат, „веднаш и сега“, го губи од вид Божјото делување. Неговиот љубовен наум се протега, меѓутоа, низ минатото и иднината, ги опфаќа и ги поврзува генерации. Тој план е поголем од нас самите, но во него секој од нас е важен и пред сѐ повикани сме да се надминеме себеси. За помладите, тоа значи да се надмине минливата сегашност во која виртуелната реалност може да нѐ зароби, која често нè одвлекува од конкретно делување. За постарите пак тоа значи дека не размислуваат за своите сили кои пресушуваат и опаѓаат и жалат за пропуштените можности. Да гледаме напред! Да дозволиме да нè обликува Божјата благодат, која од колено на колено ја ослободува тромоста во делувањето и жалењето за минатото!

На средбата меѓу Марија и Елисавета, меѓу младите и постарите, Бог ни ја дава својата иднина. Посетата на Марија и поздравот на Елисавета ја отвораат вратата за пројава на спасението: преку нивната прегратка, неговото милосрдие продира со радосна благост во човечката историја. Затоа сакам да ги повикам сите да размислуваат за оваа средба, па дури и повеќе од тоа: да ги затворат очите и да ја замислат, како на фотографија, таа прегратка меѓу младата Мајка Божја и постарата мајка на свети Иван Крстител; да го предочат во својот ум и да го визуелизираат во своето срце, па така тој призор да им биде врежан во срцето како голема духовна слика.

Потоа ве повикувам, од гантзирањето да преминете во реалноста и да направите нешто за да ги прегрнете бабите и дедовците и постарите лица. Да не ги оставаме сами. Нивното присуство во семејствата и заедниците е драгоцено, нѐ потсетува дека го делиме истото наследство и дека сме дел од еден народ чии корени се зачувани. Да, постарите се оние кои ни ја пренесуваат припадноста на светиот Божји народ. На Црквата, исто како и на општеството, им се потребни. Тие ѝ предаваат на сегашноста минато кое е многу неопходно за градење на иднината. Да ги почитуваме, да не се скратуваме од нивното друштво и да не им го скратуваме нашето, да не дозволиме да бидат отфрлени.

Светскиот ден на бабите и дедовците и старите лица сака да биде мал, нежен знак на надеж за нив и за целата Црква. Затоа, го повторувам мојот повик до сите – епархии, парохии, здруженија, заедници – да го прослават, ставајќи ја во центар изобилната радост што извира од обновената средба меѓу младите и постарите. Вие, младите, кои се подготвувате за патување во Лисабон или кои ќе го прославите Светскиот ден на младите во местата каде што живеете, сакам да ви кажам: пред да заминете, посетете ги бабите и дедовците, посетете постар човек кој живее сам! Нивните молитви ќе ве заштитат и ќе го носите благословот од таа средба во вашето срце. Ве замолувам постарите да ги придружувате со вашите молитви младите кои ќе го слават Светскиот ден на млади. Овие млади луѓе се Божји одговор на вашите молитви, плод на посеаното, знак дека Бог не го напушта својот народ, туку секогаш го подмладува со креативноста на Светиот Дух.

Драги баби и дедовци, драги постари браќа и сестри, благословот од прегратката на Марија и Елисавета нека слезе врз вас и нека ги исполни вашите срца со мир. Ве благословувам од срце. А вие, ве молам, молете се за мене.

Рим, Свети Иван Латерански, 31 мај 2023 година, на празникот Посета на Пресвета Богородица.

к.мк

Категорија: Вести, Проповеди

За авторот