Надбискупот на Тирана, монсињор Френдо во разговор за Радио Ватикан искажа благодарност до папата Фрањо на зборовите за поддршка кои ги упати на албанскиот народ за време на Генералната аудиенција, како и на телеграмата до албанскиот претседател
Преку Дикастеријата за промовирање на целосен човечки живот папата Фрањо во Албанија ќе испрати помош во износ од 100.000 евра. На тој начин сака да ја искаже својата близина и татковска поддршка на населението на таа земја, која минатите денови претрпе големи штети од земјотресот на северното крајбрежје. Паричните средства во соработка со Апостолската нунцијатура, ќе бидат распределени на бискупиите кои ги опфаќаат погодените подрачја.
Светиот Отец на Генералната аудиенција во среда 27 ноември ја искажа својата близина и солидарност со албанскиот народ, а на претседателот Илир Мета му упати телеграма, која ја потпиша Папскиот државен секретар, кардинал Пиетро Паролин. Надбискупот на Тирана монсињор Френдо, во разговор за Радио Ватикан истакна дека зборовите на Светиот Отец кои ги пренесоа албанските медиуми се примени со воодушевување. Исто така напомена дека се зборува дека Папата ја покажа својата посебна љубов кон таа земја.
На прашањето како Црквата во овој момент помага на погоденото население, надбискупот напомена дека лично го посетил Драч и Тумане, истакнувајќи дека е многу жално да се гледаат рушевините под кои можеби се наоѓаат луѓе. Тој истакна дека Црквата помага преку Каритас, делејќи оброци и ќебиња, како и некои други основни средства. Тој исто така најави дека ќе одржи состанок со свештениците и посветените лица како би испланирале продолжување на давањето помош на сите кои страдаат поради последиците од земјотресот.
Во меѓувреме се продолжува со ископување на рушевините во Драч и Тумане, каде е предизвикана најголема штета. Некои лица уште се водат за исчезнати, додека бројот на загинатите според последните информации премина 40 лица, додека околу 650 лица се повредени. Албанската влада прогласи вонредна состојба, а премиерот Еди Рама објасни дека таа мерка ќе биде во сила 30 дена.
Во давањето на помош кое го координира Министерството за внатрешни работи, учествува албанската цивилна заштита, полицијата и војската. Еторе Фусаро од Албански Каритас, за Радио Ватикан истакна дека во шаторските населби во Драч и Тумане се наоѓаа околу 1.500 лица, на кои волонтерите, благодарејќи на помошта на хуманитарните организации и Каритас од други земји, делат топли оброци, вода, ќебиња и облека.
Ватикан њуз/к.мк