Повик до ОН за присилување на меѓународната заедница за почитување на човековите права

Калдејскиот католички патријарх Луис Сако на 24 јули упати писмо до Генералниот секретар на ООН, Бан Ки Мун, во кое ја опишува драматичната ситуација на христијаните во Ирак, каде се води вооружениот судир меѓу сунитите и шеитите, и ја повикува на цел глас меѓународната заедница да го запре понатамошното крвопролевање.

Нестабилноста на Ирак му се заканува на целиот Блиски Исток, предупреди патријархот Сако, пренесува Радио Ватикан. А загрижувачка е нестабилноста на целиот регион поради постојаните напади врз христијаните и другите верски заедници и Советот за безбедност не може само да ја набљудува или да биде сведок на постојаните злосторства што ги трпат христијаните, истакна патријархот.

Злосторствата против христијаните, продолжи патријархот Сако, цитирајќи ги зборовите на самиот Генерален секретар на ООН, се злосторства против човештвото. Патријархот затоа ги повикува Обединетите нации да „ја присилат меѓународната заедница на почитување на човековите права“.

Христијаните се мирољубиви граѓани. Нашата заедница неоправдано пати поради партиски судири, терористички напади, преселувања, а сега и поради етничкото чистење, бидејќи завојуваните страни сакаат да ја уништат. Патријархот ги повикува Обединетите Нации да ја поттикнат ирачката влада да ги заштити помалите етнички и верски заедници. Новата влада треба да ги заштити малите заедници и да се бори против екстремизмот, истакна патријархот Сако.

Освен тоа, калдејскиот патријарх во писмото бара од Обединетите Нации, хуманитарната помош да стигне до најранливите групи, бидејќи им е потребна. Хуманитарната помош ќе треба за „повеќе од една година“, истакна патријархот, потсетувајќи дека на раселените христијани им е потребна вода, лекови и основни продукти.

Завршувајќи го писмото, калдејскиот патријарх ги поттикнува Обединетите Нации да „пронајдат план или стратегија за заштита и зачувување на христијанското културно наследство, кое го ограбува или пал исламистичките борци и кои и понатаму ги палат црквите и древните манастири, чија обнова ќе биде многу скапа“.

РВ/В.Н.

1997

Категорија: Ватикан

За авторот