Педесетница – Слегување на Светиот Дух

Педесетница – Слегување на Светиот Дух

Празникот Духовден или Педесетница го означува слегувањето на Светиот Дух врз апостолите во Ерусалим, 50 дена по Христовото воскресение.

Со овој празник завршува Велигденскиот период и започнува навестувањето и времето на Црквата, затоа што на тој ден апостолите, со слегување на Светиот Дух, започнаа да зборуваат на други јазици и да го навестуваат Евангелието.

Даровите на Светиот Дух што ги добија апостолите тој ден им помогнаа да го исполнат своето послание. Затоа овој празник е многу важен за Црквата и можеме да кажеме дека на овој ден се раѓа Црквта со крштевањето на Светиот Дух.

Папата Иван Павле II објави енциклика за Светиот Дух со наслов „Dominum te vivificantem – Господ и Дарител на животот“. Со неа ги подготвува верниците за одговорен крај на вториот милениум и плоден влез во третиот милениум на христијанството и ја разработува животворната улога на Светиот Дух во Црквата, кој дејствува преку Светите Тајни на верата, обновувајќи го внатрешниот човек и правејќи ја целата Црква таинството на спасението во конкретната човечка историја. Тој нè повикува како одговорни верници да сведочиме со нашите животи во секојдневниот живот за верата во Исус Христос и на тој начин да учествуваме во обновување на лицето на земјата.

„Дури и во вообичаените општествени околности, христијаните, како сведоци на вистинското човечко достоинство, со својата послушност кон Светиот Дух, придонесуваат за повеќекратното „обновување на лицето на земјата“, соработувајќи со своите браќа во остварувањето и општа примена на сè што е добро, благородно и убаво во модерната напредна цивилизација., културата, науката, технологијата и сите други области на човековата мисла и активност. Тоа да го прават како ученици на Христос „кој со своето воскресение беше поставен за Господ и со силата на неговиот Дух веќе дејствува во срцата на луѓето“.

Преку Светата Тајна Миропомазание и ние го примивме Светиот Дух што ни го вети Исус кога се вознесе на Небото. Затоа, треба да ги отвориме своите срца за да може Светиот Дух да дејствува во нас и преку нас, да ни го даде сето она што Господ го подготви за нас и сето она што сака да ни ги даде за да можеме да бидеме сведоци на нашата вера на оваа земја, сведочејќи ја нашата вера во нашите животи достојно да се слави и фали името на Господ, за да направи чуда и да ги привлече кон Исус сите луѓе околу нас за да појдат по патот на светоста и Небото.

ФБ

Категорија: Вера, Духовност

За авторот