Поглаварот на Руската православна црква, патријархот Кирил, испрати божиќна честитка до папата Фрањо и желби за мир, која е објавена на 25 декември 2022 година на веб-страницата на Московската патријаршија.
Во пораката се вели: „Ваша Светост! Ве поздравувам на празникот на раѓањето на нашиот Господ и Спасител Исус Христос. Ви посакувам Негова помош во понатамошното извршување на Вашата служба, а мир и благосостојба на стадото што ви е доверено“.
Минатата година Московската патријаршија само соопшти дека патријархот Кирил испратил честитки до „поглаварите на неправославните цркви, кои го слават Божиќ на 25 декември според Грегоријанскиот календар, меѓу кои беше спомнат и папата Фрањо“.
Патријархот Кирил и папата Фрањо на 16 март 2022 година преку конференциска врска разговараа за војната во Украина, при што беше очигледна разликата во нивните ставови за војната во Украина. Беше планирано да дадат заедничка изјава, но тоа не се случи.
Во последните месеци патријархот Кирил во своите говори и изјави се обидува да го оправда рускиот напад врз Украина, додека Папата во неколку наврати го осуди крвопролевањето. Во својата божиќна порака Папата ги повика одговорните политичари да стават крај на оваа „бесмислена војна“.
Ватикан њуз/к.мк