Исус му го доверува своето стадо на Петар, најголемиот грешник меѓу апостолите, и го повикува да го пасе Божјиот народ во понизност и љубов – рече папата Фрањо на светата Литургија на 2 јуни 2017 година, во домот света Марта.
Во својата проповед, Папата се осврна на денешниот евангелски дел во кој Воскреснатиот разговра со Петар на брегот на Галилејското езеро. Станува збор за мирен разговор помеѓу пријатели, кој се одвива во атмосфера на Господовото воскресение. Во таа прилика Исус му ги доверува на Петар своите овци, прашувајќи го три пати „љубиш ли ме?“ Исус го избира најгрешниот меѓу апостолите. Другите побегнале, но овој го негираше – рече Светиот Отец.
Не може да се пасат овците со крената глава како некој владетел – продолжи Папата. Овците треба да се пасат со понизност, љубов, како што тоа го правел Исус. Тоа е посланието кое Исус му го дава на апостолот Петар. Да, со гревовите и грешките. Како потврда на тоа, Петар веднаш после тој разговор му се изметнува грешка и од љубопитност го прашува Господ: А овој другиот ученик, каде ќе оди, што ќе прави? Сепак треба да оди напред, секогаш со љубов и покрај грешките и гревовите. Бидејќи овие овци не се твои, туку мои, вели Господ. Ако си мој пријател, тогаш ќе бидеш и пријател на овие овци.
Светиот Отец потсети дека Петар го негирал Исус пред слугинката на Големиот свештеник, но исто така тој е истиот оној Петар кој вели дека Исус е Син на живиот Бог. Петар е апостол кој е „храбар“ во негирањето, но исто така и способен за горчливи солзи – рече Папата и продолжи:
Откако целиот свој живот го поминал служејќи му на Господ, животот го завршува како и Господ: на крстот. Но, тој не се фали: „Ќе завршам онака како што заврши мојот Господ!“ Не, туку бара да го распнат со главата надолу за да не му падне на никој на памет да го замени со Господ – рече папата Фрањо и заклучи: Да ги држиме нашите глави кренати кога станува збор за достоинството кое Бог ни го дава, но да ги држиме спуштени кога станува збор за нашите гревови. Единствено Исус е Господ, а ние сме само слуги.
РВ/к.мк