Папуа Нова Гвинеја, каде што мисионерите сведочат за Евангелието во тешки услови и различности
Во Папуа Нова Гвинеја, океанска земја која се подготвува да го пречека папата Фрањо во септември, Мисионерите на Пресветото Срце Исусово нудат образовни и здравствени услуги на заедниците, дури и на најоддалечените: „Ние не работиме само за католиците, туку за целото население. Немаме поддршка и често не добиваме средства, па се случува луѓето да умираат од лесно излечливи болести“.
Во Папуа Нова Гвинеја, која папата Фрањо ќе ја посети од 6 до 9 септември, Католичката црква имаше – и има – клучна улога во образовниот и здравствениот сектор, кои поради недостигот на владина поддршка се соочуваат со бројни предизвици. Отец Силвестер Варвакаи, поглавар на провинцијата Мисионери на Пресветото Срце Исусово од Папуа Нова Гвинеја, зборуваше за ова за ватиканските медиуми по повод претстојното апостолско патување на Папата.
Поучување и помагање
Мисионерите во моментов работат во седум бискупии каде што спроведуваат парохиски, наставни и каритативни активности. Повеќето од парохиите каде што служат имаат и училиште бидејќи, како што истакнува отец Варвакаи, училиштата се клучни за развојот на католичката вера.
Откако Папуа Нова Гвинеја стекна независност во 1975 година, беше потпишан договор меѓу Владата и Католичката црква, со создавање на Агенција за католичко образование и католички здравствени услуги, во соработка со Министерството за образование и Министерството за здравство. Мисионерите немаат свои структури, но во соработка со бискупиите работат во постоечките рамки.
Работа во најоддалечените рурални области
Отец Варвакаи објаснува дека работата на Црквата е особено важна во руралните средини кои се тешко достапни и во кои недостасуваат државни служби. „Ние не работиме во планинската област на Папуа Нова Гвинеја, но имаме мисии во повеќето рурални области на земјата. Во моментов, две од нашите парохии се во планинските области на бискупиите Берејна и Керема, парохијата „Свети Иван Вијанеј“, „Тапини“ и парохијата Пресвето Срце, Бема.
Мисионерите имаат училишта, основни и средни училишта и здравствени установи: „Тие се подредени на Секретаријатот за католичко образование и католичко здравје на двете бискупии, но со нив раководат нашите свештеници и браќа. Поради влошената состојба на патната мрежа, единственото превозно средство со што може да стигне до двете планински парохии е авионот“.
Недостиг на средства и поддршка
Свештеникот жали што во последните дваесет години „здравствените служби и образовниот систем потфрлија на многу начини, бидејќи има многу мала поддршка од Владата во однос на донации за црковните институции, особено за здравството и образованието. Понекогаш овие стипендии не стигнуваат на време и училиштата се затвораат“.
Што се однесува до здравствените установи, отец Варвакаи објаснува дека понекогаш не ги добиваат владините средства што им се потребни за да купат лекови, „поради што луѓето умираат од болести кои лесно се лекуваат“. Често, додава тој, „овие институции се принудени да ги намалат своите активности и да се справуваат само со многу ризични случаи, како што се мајките кои раѓаат или умираат од маларија“.
Неволји, предизвици и сведоштво за Евангелието
Мисионерот изразува загриженост дека проблемот со ограничените средства и финансиската поддршка навлегува во градовите и другите рурални средини. За да се спротивстави на овој недостаток на поддршка, Мисионерите на Пресветото Срце на Исус ја извршуваат својата служба „не само на католиците, туку и на целата популација“. Особено, здравствениот сектор е една од главните области во кои Црквата продолжува да ја „сведочи вредноста на Евангелието“, и покрај „сите неволји и предизвици“ со кои се соочува земјата.
Поддршка на локалната Cрква
Варвакаи изразува благодарност за поддршката добиена од Католичката бискупска конференција на Папуа Нова Гвинеја и Соломонските Острови и од различните верски заедници и мисионери присутни во земјата.
Голем дел од помошта што мисионерите ја добиваат, вели тој, доаѓа од странство, вклучително агенции во Австралија и Европа: „Ние импровизираме со она што го имаме, дури и ако тоа не е доволно“.
Во пресрет на доаѓањето на папата Фрањо
Фокусирајќи се на следното патување на папата Фрањо во Азија и Океанија, кое ќе опфати poseta во Порт Морезби, главниот град на Папуа Нова Гвинеја – со попатна посета на градот Ванимо на 8 септември – отец Варвакаи рече дека присуството на Папата „ќе даде чувство на припадност, надеж и оптимизам на мисионерите кои ја вршат својата служба во папуанските заедници, како и во други бискупии и институции надвор од главниот град“.
Монахот објаснува дека парохиите на надбискупијата во Порт Морзби се подготвуваат за посетата на Папата со духовни и молитвени активности. „Горди сме, навистина сме среќни“, повторува тој, потсетувајќи дека последен пат Светиот Отец стапнал во Папуа Нова Гвинеја во 1995 година, кога Иван Павле Втори дојде на беатификацијата на блажениот Пјетро То Рото. Сега, со патувањето на папата Фрањо, младата генерација ќе има можност да ја доживее близината на Папата од прва рака. „Ова ни дава енергија и увереност дека не сме заборавени. Среќни сме, бидејќи меѓу сите постои чувство на заедништво и се молиме доаѓањето на Папата да донесе надеж и некаква форма на промена за нашите водачи, заклучува отец Варвакаи.
Ватикан њуз/к.мк