Папата ја прими премиерката Мелони – прва официјална средба во Ватикан

Папата ја прими премиерката Мелони – прва официјална средба во Ватикан

Италијанската претседателка на Владата, Џорџа Мелони, во среда 2 јули 2025 година, беше примена на аудиенција од папата Лав XIV во Апостолската палата во Ватикан. Папата Лав XIV денес имаше исполнета агенда со низа средби, меѓу кои со кардиналите Луис Антонио Тале и Пол Емил Чериг, членовите на Кардиналската комисија за ИОР, епископите од Синодот на Украинската источно-католичка црква, како и со Емине Ердоган, сопруга на турскиот претседател.

Средби и телефонска комуникација

Иако ова е нивна прва официјална аудиенција, Папата и премиерката веќе се имаат сретнато и претходно – најпрвин на свечената Литургија по повод почетокот на понтификатот на 18 мај, а потоа и на 21 јуни на Јубилејот за државниците. На 15 мај од страна на канцеларијата на премиерката беше објавено дека имале телефонски разговор меѓу неа и Светиот Отец, во кој се разговарало за можни мировни преговори меѓу Русија и Украина.

Разговори во Државниот секретаријат

По средбата со Папата, премиерката Мелони оствари и официјален разговор со кардинал Пјетро Паролин, државен секретар на Светиот Престол, кој беше придружуван од надбискупот Пол Ричард Галагер, секретар за односи со држави и меѓународни организации. Според соопштението на Канцеларијата на Светиот Престол, за време на „срдечниот разговор“ било истакнато доброто ниво на односите меѓу Светиот Престол и Италија, како и заедничката заложба за мир во Украина и на Блискиот Исток, вклучувајќи ја и хуманитарната помош за Газа. Во продолжението на средбата биле разгледани и прашања од билатерален интерес, како и теми значајни за Црквата и италијанското општество.

Размена на дарови и дипломатска симболика

Премиерката пристигна во Ватикан нешто пред 11:30 часот, преку улицата „Кончилациони“, и беше пречекана во дворот Свети Дамјан од монсињор Леонардо Сапиенца, префект на Папскиот дом. Неа ја придружуваше делегација од единаесет членови, меѓу кои потпретседателите Антонио Тајани и Матео Салвини, како и државниот секретар Алфредо Мантовано. Папата ја поздрави премиерката по што следуваше разговор во Папската библиотека зад затворени врати, кој заврши со фотографирање и размена на подароци.

Џорџа Мелони му подари на Светиот Отец слика од XVII век поврзана со Универзитетот „Ангеликум“, каде што Папата докторирал канонско право. При предавањето на дарот, Мелони ја истакна верската и академска важност на институцијата. Папата возврати со подарок – книга за свети Августин. На крајот, беше споменат и претстојниот самит за безбедност на храната што треба да се одржи кон крајот на јули во Етиопија. Средбата заврши со желби за успешна работа.

Ватикан њуз/к.мк

Категорија: Ватикан, Вести

За авторот