На Задушница 2 ноември, папата Фрањо ја предводеше светата Литургија на германските гробишта Кампо Санто Теутонико во Ватикан.
Заради епидемиолошките мерки Папата светата Литургија ја славеше со многу мал број на верници.
Во проповедта истакна дека надежта е дар кој може само да се измоли. За верата дека Спасителот живее само човечки сили не се доволни. Надежта значи цврсто да се држиш за јажето, со вера дека сидрото е вкотвено на небото – порача Папата. На светата Литургија се молеше и за мигрантите жртви на коронавирусот и за безимените покојни во целиот свет.
По светата Литургија, Папата се помоли на германските гробишта задржувајќи се на гробот на еден бездомник. Оваа година заради пандемијата од коронавирусот Светиот Отец не го напушти Ватикан за да посети некои од римските гробишта како што имаше обичај, минатата година тоа беа Катакомбите на свети Прискила.
Папата потоа се упати во криптата на базиликата Свети Петар и се помоли за своите претходници.
Канцеларијата за печат на Светиот Престол најави дека на 5 ноември во 11.00 часот ќе ја предводи на олтарот на Катедрата во базиликата Свети Петар светата Литургија задушница за починатите кардинали и епископи, заради пандемијата од коронавирусот со ограничен број на учесници.
Ватикан њуз/к.мк