На Првата недела од Великиот пост, Евангелието нѐ потсетува на темите за искушението, преобраќањето и Радосната вест – рече папата Фрањо пред молитвата Ангел Господов на плоштадот Свети Петар, на 18 февруари 2018 година.
Евангелистот Марко пишува: „Веднаш потоа Духот Го изведе во пустина. И беше таму, во пустината, четириесет дни искушуван од сатаната.“
Исус оди во пустината за да се подготви за своето послание во светот – рече Папата и додаде: Не му е потребно преобраќање, но како човек мора да помине низ тоа искушение, како заради себе, за да ја послуша волјата на Отецот, така и заради нас за да ни даде милост за победа над искушенијата. Таа подготовка се состои во борбата против злиот дух, односно против ѓаволот.
Исто така за нас Великиот пост е време на духовна борба – рече папата Фрањо и истакна: Повикани сме да се соочиме со злиот дух преку молитвата за да бидеме способни, со Божја помош, да го победиме во својот секојдневен живот. Злото за жал е на дело во нашиот живот и околу нас; таму каде се случува насилство, се отфрлаат другите, затворање кон другите, војни и неправди. Сите тие се дела злиот дух и на злото.
Веднаш по искушенијата во пустината Исус започнува да го проповеда Евангелието односно Радосната вест која бара од човекот преобраќање и вера – рече Светиот Отец и продолжи: Тој навестува: „Времето се исполни и царството Божјо наближи, покајте се и верувајте во Евангелието.“ Во нашиот живот секогаш ни треба преобраќање и Црквата нѐ учи да се молиме за тоа. Имено никогаш не сме доволно насочени кон Бог, и кон Него мораме да продолжиме да ги насочуваме своите мисли и срцето.
За да го правиме тоа треба да бидеме храбри и да го одбиваме сето она што нѐ одвлекува од Исусовиот пат; од лажните вредности кои нѐ измамуваат привлекувајќи ја на подмолен начин нашата себичност – рече папата Фрањо и наглас: Меѓутоа мораме да се довериме на Господ, на добрината и на планот на љубовта која ја има за секој од нас. Великиот пост е време на покора, но не е жалосно време! Тоа е радосна и сериозна обврска за да се ослободиме од својата себичност, од својот стар човек, и да се обновиме преку милостите на своето Крштение.
Само Бог може да ја даде вистинската среќа – рече Папата и истакна: Бескорисно е да го губиме своето време барајќи ја некаде на друго место, во богатствата, во задоволствата, во моќта, во кариерата… Царството Божјо е остварување на сите наши желби, затоа што во исто време е спасение на светот и слава Божја. На Првата недела од Великиот пост сме повикани внимателно да го слушаме и да го прифатиме Исусовиот повик да се преобратиме и да веруваме во Евангелието. Поттикнати сме да појдеме ангажирано на патот кон Воскресението, за да можеме да примиме сѐ повеќе милости Божји кои сакаат да го преобразат светот во царство на правдата, мирот и братството.
Нека Пресвета Дева Марија ни помогне да го живееме Великиот пост верно на Божјото Слово и во непрестана молитва, како што Исус правел во пустината. Тоа не е невозможно! Треба да го живееме животот со желба за прифаќање на љубовта која доаѓа од Бог и која сака да го преобрази нашиот живот и целиот свет – заклучи Светиот Отец.
За месец дена, од 19 до 24 март, околу 300 млади од целиот свет ќе дојдат во Рим на средба за подготовка за октомвриската синода – рече папата Фрањо по пладневната молитва. Меѓутоа – додаде – многу би сакал сите млади да можат да бидат учесници на таа подготовка. Затоа тие ќе можат да учествуваат по пат на интернет, преку јазичните групи кои ќе ги водат други млади. Придонесот на „мрежните групи“ ќе се обедини со она собраната во Рим. Сите известувања можат да се најдат на веб страницата на Секретаријатот на епископската синода – рече Светиот Отец.
На почетокот на Великиот пост кој е пат за преобраќање и борба против злото сакам посебно да се обратам до затворениците – рече Папата. Драги браќа и сестри кои сте во затвор, го охрабрувам секој од вас да го живеете времето на Великиот пост како можност за помирување и обнова на својот живот, преку милосрдниот поглед на Господ – рече и на крајот ги поздрави сите семејства, парохиските групи, здруженијата и сите ходочасници, и ги замоли сите во молитвите да се сетат на него и на членовите на Римската курија кои вечерва ги започнуваат духовните вежби.
РВ/к.мк