Папата: Христос ни ја дава вистинската слобода

Папата: Христос ни ја дава вистинската слобода

Христос ни ја дава вистинската слобода – истакна папата Фрањо за време на светата Литургија, служена на 13 април 2018 година, во домот Света Марта, во Ватикан.

Во својата проповед Папата размислуваше за три примери на слобода: на фарисејот Гамалиил, на апостолите Петар и Иван и на Исус. Притоа напомена дека вистинската слобода значи да се направи место на Бог во нашите животи и да се наследува Исус. Објасни дека слободата за која слушаме низ ова пасхално време е слобода на синовите и ќерките Божји, велејќи дека Исус ни ја дарувал слободата по пат на своето откупителнко дело.

Слободата на Гамаиил и ропството на Пилат

Папата рече дека Гамалиил е првиот пример за слобода кој ни го нудат читањата од денешната литургија. Бил учител по Законот и фарисеј кој го уверил Синедрионот да ги ослободат апостолите Петар и Иван. Гамалиил бил слободен човек кој размислувал со смирен ум и ги уверил своите колеги дека времето ќе го направи своето.

Слободниот човек не се плаши од времето: дозволува Бог да работи – рече Папата и продолжи: Дава простор за Бог да делува во времето. Слободниот човек е трплив. (Гамалиил) бил Евреин, а не христијанин, и тој не го признава Исус како Спасител, но тој бил слободен човек. Ги промислил работите и ги изнесува своите идеи на другите кои потоа ги прифатиле. Слободата не е нетрпелива – истакна папата Фрањо.

Светиот Отец напомена дека и Пилат размислувал добро, со бистар ум, сфаќајќи дека Исус бил невин. Но, затоа што не бил слободен, не можел да ја надмине својата желба за промовирање. Му недостасувала храброст за слобода затоа што бил роб на својата кариера, на своите амбиции и на својот успех – рече Папата.

Примерот на апостолите Петар и Иван

Вториот пример на Папата за слобода се апостолите Петар и Иван. Тие го излекувале парализираниот човек, доведени се пред Синедрионот и ослободени откако биле камшикувани иако биле невини. Светиот Отец напомена апостолите биле радосни што биле достојни да поднесат страдање за Исус. Тоа е радоста на наследувањето на Исус – рече Папата и додаде: Тоа е вториот вид на слобода која е поголема, поширока и похристијанска.

Таа е слободата на оној кој го љуби Исус Христос – продолжи папата Фрањо. Запечатена од Светиот Дух преку верата во Исус Христос. „Ова си го направил за мене, затоа јас го правам ова за тебе.“ И во нашето време постајат многу затворани и мачени христијани кои ја поседуваат слободата да го исповедаат Исус Христос – рече Папата.

Исус: најдобриот пример за слобода

Светиот Отец рече дека третиот и највистински пример за слобода е самиот Исус. Кога чудотворно го умножува лебот во пустината, папата Фрањо потсети дека народот сакал да го направи цар. Но се повлекува во гората за да ја избегне таа судбина. Избегнувал триумфализам и не го залажува – рече додавајќи дека бил слободен затоа што неговата слобода била да ја врши волјата на Отецот. Исус на крајот завршува на крстот – рече Папата и истакна: Исус е најголемиот пример за слобода.

Да размислуваме денес за својата слобода – продолжи папата Фрањо .Имаме три примери: Гамалиил, Петар и Иван и Исус. Ја поседувам ли христијанската слобода? Дали сум слободен или сум роб на своите страсти, амбиции, богатства или минливите хирови? Изгледа како шега, но многу луѓе се робови на модата!… Да размислуваме за својата слобода среде помалку „шизофреничкиот“ свет кој вика „слобода“, но всушност повеќе е роб. Да размислуваме за таа слобода која Бог ни ја дава во Исус – заврши Светиот Отец.

РВ/к.мк

Категорија: Ватикан, Вести

За авторот