Папата: Христијаните заедно да се залагаат за праведен и стабилен мир во Украина

Папата: Христијаните заедно да се залагаат за праведен и стабилен мир во Украина

Примајќи ја делегацијата на Цариградската Вселенска Патријаршија во аудиенцијата, папата Фрањо одржа говор во кој го изрази своето верување дека христијаните ќе растат во меѓусебно заедништво и ќе му помогнат на светот кој се карактеризира со поделби и раздор. Тој изрази радост за резултатите од Меѓународната мешовита комисија за теолошки дијалог меѓу Католичката црква и Православната црква.

Војната во Украина покажува дека сите војни се тотална катастрофа за народите и семејствата, за децата и постарите лица, за луѓето принудени да ја напуштат својата земја, за градовите и селата и за целото создание, како што беше со рушењето на браната Нова Каховка. Така, папата Фрањо ја изрази својата загриженост за украинскиот народ, примајќи ги во аудиенција членовите на делегацијата на Вселенската цариградска патријаршија кои дојдоа во Рим да учествуваат на прославата на празникот Свети Петар и Павле на 29 јуни во базиликата Свети Петар. Делегацијата на Ватикан на оваа посета возвраќа со посета на 30 ноември во Истанбул, по повод празнувањето на Свети Андреј. Од браќата од Патријаршијата, на кои им беше упатен говорот, папата Фрањо побара заедничко залагање за постигнување мир.

Како Христови ученици, не можеме да се помириме со војна, но наша должност е да работиме заедно за мир. Трагичната реалност на таа војна, која како да нема крај, бара заеднички креативен напор од сите за да се замислат и да се создадат патишта на мирот, кон праведен и стабилен мир. Се разбира, мирот не е реалност што можеме сами да го постигнеме, туку пред сѐ е дар од Господ. Сепак, тоа е дар кој бара соодветен однос на човекот, а пред сè на верниците, кои треба да учествуваат во Божјото миротворно дело.

Христијаните нека му помогнат на поделениот свет

Евангелието е тоа што им покажува на христијаните дека мирот не произлегува од чисто отсуство на војна, туку се раѓа од човечкото срце – додаде Папата и нагласи:

На крајот, имено, попречен е од непослушниот корен што го носиме во себе: поседување, желба за себично следење на сопствените интереси, на личните и на заедницата, како и на национално, па дури и на верско ниво.

Божјата љубов ги преобраќа и обновува срцата; тоа е бесплатна љубов – забележа во својот говор папата Фрањо и додаде: И не е ограничена само на сопствената група; треба да се навестува исто како што Исус треба да се сведочи на светот.

На затвореноста и себичноста потребно е спротивставување со Божјиот стил, кој, како што нè научи Христос со пример, е служење и самоодрекување. Можеме да бидеме сигурни, овоплотувајќи го, христијаните ќе растат во меѓусебно заедништво и ќе му помогнат на светот обележан со поделби и неслога.

Напредок на католичко-православниот дијалог

Папата Фрањо во својот говор изрази задоволство од резултатите од 15. пленарна седница на Меѓународната мешовита комисија за теолошки дијалог меѓу Католичката црква и Православната црква, бидејќи заедничкото толкување на начинот на кој се развил односот меѓу синодалноста и приматот во Западот и Истокот во вториот милениум можат да придонесат за надминување на полемичките аргументи што ги користат двете страни, кои наместо да ги зајакнат своите идентитети, на крајот го насочуваат вниманието само на себе и на минатото.

Денеска, имајќи ги предвид поуките од историјата, повикани сме заедно да бараме начин како да се оствари приматот и во контекст на синодалноста да биде во служба на единството на Црквата на општо ниво.

Сепак, потребно е да се тргне од претпоставката – објасни Папата – дека не е можно да се мисли дека истите прерогативи што ги има Римскиот епископ во однос на неговата бискупија и католичката заедница, ќе се прошират и на православните заедници.

Кога со Божја помош, потполно сме обединети во верата и љубовта, начинот на кој Римскиот епископ ќе ја врши својата служба на заедништво во Црквата на општо ниво ќе треба да потекнува од нераскинливиот однос меѓу првенството и синодалноста.

Патот до единство

Целосното единство ќе биде дар на Светиот Дух – се наведува во говорот на Папата – и тоа мора да го бараме во Духот.

Зашто единството меѓу верниците не е прашање на попуштање и компромиси, туку на братско милосрдие, браќа кои се препознаваат себеси како возљубени чеда на Отецот и исполнети со Христовиот Дух, знаат да ги вклучат своите разлики во поширок контекст. Тоа е перспективата на Светиот Дух што ги усогласува разликите без да ја хомогенизира реалноста.

Поздравувајќи го својот сакан брат Вартоломеј и сите епископи на Вселенската патријаршија преку делегацијата, папата Фрањо на крајот изрази надеж дека со посредство на светите Петар и Павле и Свети Андреј оваа средба ќе биде уште еден чекор на патот кон видливо единство во вера и љубов.

Ватикан њуз/к.мк

 

Категорија: Ватикан, Вести

За авторот