Светската фондација Vitae ги објави плановите својот прв самит да се одржи во Ватикан, а на еден дел се очекува да учествува и папата Фрањо. Средбата ќе ги собере уметниците од целиот свет во обид да иницира културна преобразба за општо добро.
Ватикан во петок 19 август 2022 година објави дека Светската фондација Vitae ќе го одржи својот прв самит во домот Пиј IV. од 31 август до 1 септември. На еден дел од самитот е планирано да учествува папата Фрањо.
Средбата ќе собере меѓународно признати уметници и лидери за да разговараат за тоа како уметноста, медиумите и забавата може да се искористат за да се поттикне културна преобразба која го промовира општото добро, универзалните вредности и средби меѓу луѓето, се вели во соопштението за печатот. Настанот има поддршка од различни лидери, како што е шпанската кралица Софија.
Поттикнете промени во светот
Уметници, актери, музичари ќе учествуваат на средбата за да ги споделат своите размислувања за стратегии и креативни предлози за унапредување со цел да се поттикне промена во светот.
Единството, надежта и вреднувањето на различностите се меѓу главните цели на промените што самитот сака да ги поттикне.
Основачот и претседател на Фондацијата, Луис Квинели, во последните години одржа неколку средби со папата Фрањо, заедно со раководството на организацијата.
Папата често зборува за улогата на уметниците во подобрувањето на општеството, велејќи дека тие дејствуваат како чувари на убавината, амбасадори на културата на средба и сведоци на надежта за целото човештво.
Да се влијае на срцето и духот
Квинели рече дека се надева дека самитот ќе ја нагласи работата на различни организации и поединци кои работат на подобрување на културата.
„Во поларизирано општество полно со негативни пораки и конфликти“, рече тој, „Фондацијата Vitae“ сака да ги обедини уметниците и влијателните светски лидери за да започнат разговор за тоа како да се врати надежта и општото добро во мода и тоа преку уметноста, за позитивно да влијае на човечките срца и нивниот дух“.
Основачот на Фондацијата додаде дека настанот исто така ќе помогне да се создадат мрежи меѓу уметниците кои имаат за цел да работат заедно за да создадат порака што ќе „инспирира кон подобар свет, базиран на универзални вредности кои поттикнуваат средби и надеж“.
За Фондацијата Vitae
Светската фондација Vitae е непрофитна организација составена од уметници, презентери и светски лидери кои имаат за цел позитивно да влијаат на луѓето преку уметност, масовни медиуми и забавата.
Според Фондацијата, во последниве години Vitae промовира различни културни проекти и иницијативи кои „позитивно влијаеле на стотици илјади луѓе ширум светот, генерирајќи повеќе точки на приближување и прифаќајќи разлики во борбата против поларизацијата и омразата што му се закануваат на денешното општество“.
Ватикан њуз/к.мк