Папата Фрањо: Човекот треба повторно да се стави во центарот

Човекот треба повторно да се стави во центарот за да не паднеме во антрополошки редукционизам кој што ги отфрла децата, старите луѓе и младите генерации, тоа е накратко главната мисла која папата Фрањо ја истакна обраќајќи се на учесниците на меѓународниот семинар на тема „Глобалното општо добро насочено кон инклузивната економија.“

Семинарот е одржан во саботата на 12 јули во Ватикан на поттик на Папскиот совет за правда и мир и Државниот секретаријат. Користејќи ја метафората за виното кое што со дестилација станува ракија, Светиот Отец предупреди за човекот, може да ја изгуби својата вистинска бит претварајќи се во нешто друго, во едноставно средство. Во текот на ручекот со академците, стручните лица и претставниците на големи компании, Папата исто така истакна дека е потребно да се надвладее политиката, социологијата и генералниот став на отфрлање. Човекот денес не е повеќе во центарот, туку е на крајот, во служба на нешто друго; не е повеќе во центарот на своите размислувања, не е повеќе темел на општеството за да ги развива своите мисли, да ги разработи своите одлуки, а така ја губи својата човечност.

Силни и ефикасни се зборовите на Папата за денешниот свет во кој што одлуките се донесуваат според економските интереси и така човекот -според зборовите на Папата – станува орудие на системот; општествениот, економскиот систем во кој произволно владее неурамнотеженост. Кога човекот ќе ја изгуби својата човечност, што не очекува? – праша Светиот Отец. Се случува тоа што со едноставен јазик го нарекуваме политика, социологија, став на отфрлање. Се отфрла тоа што не служи, бидејќи човекот не е во центарот! А кога човекот не е во центарот, нешто друго е во центарот, а човекот тогаш е во служба на тие работи! – истакна папата Фрањо. Затоа е потребно да се спаси човекот, односно потребно е човекот да го врати во центарот на општеството, во центарот на мислите и размислувањето – рече Светиот Отец и заблагодари на присутните стручни лица кои со својата работа, размислувања и проучувања работат на тоа човекот да не се отфрли.

Се отфрлаат децата бидејќи нивото на наталитетот – барем во Европа – сите го знаеме; се отфрлат старите луѓе бидејќи не се потребни. А сега? Се отфрла цела генерација на млади луѓе! И тоа е многу сериозен проблем! – истакна папата Фрањо и додаде дека видел податок дека 75 милиони млади луѓе на возраст од 25 години се без работа. Младите ниту студираат, ниту работат, рече, не студираат бидејќи немаат можност и не работат, бидејќи нема работа. И тоа е уште едно отфрлање! Што ќе биде следно отфрлено? праша Светиот Отец на крајот и поттикна – Ве молам, да запреме сѐ на време!

РВ/Д.И.

Категорија: Ватикан

За авторот