Папата Фрањо испрати писмо до сите католички бискупи во пресрет на осветувањето на Русија и Украина на Безгрешното Срце на Марија, нарекувајќи го „гест на Универзалната црква“ во кој се моли за крај на насилството и страдањата на невините луѓе.
Папата официјално ги покани сите католички бискупи ширум светот да му се придружат во петок 25 март, за да се помолат за свечениот чин на посветување на човештвото, особено Русија и Украина, на Безгрешното Срце на Марија. Писмото, беше официјално објавено во среда 23 март 2022 година.
Во писмото Светиот Отец ја изразува својата тага поради огромните страдања што војната во Украина му ги нанесува на нејзиниот тешко изнемоштен народ и го загрозува светскиот мир. Во овој мрачен час, Црквата е итно повикана да се застапи пред Принцот на мирот и да покаже блискост со оние кои се директно погодени од конфликтот, пишува Папата.
Папата Фрањо изрази благодарност до многубројните католици кои со голема великодушност одговорија на неговите повици за молитва, пост и милосрдие. Тој рече дека неговата одлука да го изврши чинот на посветување е делумно одговор на бројните барања на Божјиот народ.
На 25 март, на празникот Благовештение Господово, имам намера да го извршам свечениот чин на посветување на човештвото, посебно Русија и Украина, на Безгрешното Срце на Марија. Тој додава дека одлуката да се изврши осветувањето на покорничката богослужбата во Великиот пост е соодветна, бидејќи ни овозможува да се повикаме на мир во срцата обновени со Божјата прошка.
Чинот на осветувањето е предвиден за 18.30 часот, во базиликата Свети Петар. Покорничката богослужба ќе се пренесува во целост на каналите на Vatican News: на радио, Youtube каналот, интернет страницата и на Фејсбук.
Во продолжение на пораката, папата Фрањо го објасни значењето на чинот на осветување на Русија и Украина, кој го дефинира како гест на Универзалната Црква, кој во овој драматичен момент го воздигнува кон Бога, преку неговата и нашата Мајка, плачот на болките на оние кои страдаат и моли да се стави крај на насилството и иднината на човештвото да се довери на Царицата на мирот.
Папата потоа ги повикува сите бискупи, свештеници, монаси и верници да се соберат на своите молитвени места на 25 март, за да може Божјиот свет народ да и принесе срдечни и заеднички молитви на Марија, нашата Мајка.
Папата го завршува писмото искажувајќи благодарност на сите за подготвеноста и соработката, благословувајќи ги бискупите и верниците кои им се доверени на нивната пасторална грижа.
Ватикан њуз/к.мк