Папата Фрањо: Убиени се само затоа што се христијани

Папата Фрањо го осуди убиството на 21 коптски христијани од страна на милитантите на ИСИЛ во Либија. Исламистичко терористичката организација објави видео од убиствата во неделата.

Крвта на денешните маченици – христијани кои се убиваат само заради нивната вера – го исповедува Христос, без разлика дали се католици, православни или лутерани – рече Светиот Отец на аудиенцијата со модераторот и претставниците на Шкотската (реформирана) црква, осврнувајќи се на неодамна обезглавените копти во Либија.

Во моментот состојбата на екуменските односи во Шкотска јасно покажува дека она што нас како христијани нè обединува е поголемо од она што нè дели. Врз основа на ова Господ повикува да бараме ефикасни начини за надминување на старите предрасуди и барање на нови облици на разбирање и соработка – рече Папата.

Светиот Отец истакна дека во денешното глобализирано и често конфузно општество заедничкото сведочење преставува неопходен предуслов за ефикасност на нашите евангелизациски напори. Поклоници сме и патуваме едни со други. Треба да се учиме на искрена доверба со нашите (со)поколници […] – рече папата Фрањо.

Само со заедничка работа можеме ефикасно да му служиме на човечкото семејство и ќе овозможиме Христовото светло да допре до сите мрачни агли на светот и нашите срца – порача Светиот Отец на членовите на Шкотската црква изразувајќи желба „патот на помирување и мирот меѓу нашите заедници и понатаму да нè зближува.“

На крајот Папата спонтано додаде: Дозволете ми да изразам длабока жалост. Денес прочитав за погубувањето на 21, 22 коптски христијани. Зборувале само: „Исусе, помогни ми.“ Убиени се единствено затоа што се христијани. Крвата на нашите браќа христијани е сведоштво кое вика. Без разлика дали се католици, православни, копти или лутерани – не е важно: христијани се! И крвата е иста. Крва го исповедува Христос. Маченици има меѓу сите христијани – рече папата Фрањо, потсетувајќи уште еднаш на важноста на „екуменизмот на крвта.“

РВ/Д.И.

Категорија: Ватикан

За авторот