На вториот ден од неговата Апостолска посета на Лисабон, по повод 37. Светски ден на млади, во четврток, 3 август 2023 година, папата Фрањо се сретна со студенти од Португалскиот католички универзитет (Universidade Católica Portuguesa) во главниот град на Португалија.
Во својот говор, Папата започна со размислување за тоа што значи да се биде „ходочасник“. Тоа е убав збор за чие значење вреди да се размислува. Буквално значи да се остави настрана секојдневната рутина и да се тргне на патување со цел, да се патува „низ полињата“ и „надвор од сопствените граници“, односно надвор од сопствената комфорна зона кон нов хоризонт за смисла. Терминот „ходочасник“ прекрасно ја отсликува нашата човечка состојба, затоа што секој од нас, како ходочасник, се соочува со големи прашања на кои нема едноставни или моментални одговори, туку нè повикуваат да тргнеме на патување, да се надминеме себеси, да продолжиме понатаму..Тоа е процес кој студентот добро го разбира, бидејќи така се раѓа науката. А така расте и духовната потрага. Така започнуваат духовните патувања. Со право бегаме од брзи и однапред подготвени одговори, едноставни решенија кои се чини дека ни се на дофат, како да ни паѓаат од ракав, не оставајќи простор за подлабоки прашања. Во една од неговите параболи, Исус користи лик на скапоцен бисер што го бараат и го наоѓаат само мудрите и снаодливите, оние кои се подготвени да дадат сè од себе и да ризикуваат сè што имаат за да го стекнат (сп. Матеј 13, 45- 46). Да се бара и да се ризикува: ова се двата изрази кои го опишуваат патувањето на ходочасниците, рече Папата во својот говор.
Цитирајќи го португалскиот поет Песу, кој во една прилика рекол: „Да се биде незадоволен значи да се биде човек“, Папата истакна дека не треба да се плашиме да не се чувствуваме малку немирни, мислејќи дека тоа што го правиме не е доволно. Незадоволството, во оваа смисла и во вистинска мерка, е добар противотров за претпоставката на самодоволност и нарцизам. Нецелосноста ја карактеризира нашата состојба како трагачи и ходочасници, бидејќи, како што вели Исус, „ние сме во светот, но не сме од светот“ (сп. Иван 17,15-16). Повикани сме на нешто поголемо, да се вивнеме до височините, но пред тоа треба да ги рашириме крилјата и да летаме. Затоа, не треба да се вознемируваме ако чувствуваме жед во нашите срца, ако чувствуваме немир, неисполнување, копнеж за смисла и иднина! Тоа не значи дека сме болни, туку, напротив, дека сме живи! Треба да се грижиме само ако сме спремни да го замениме патот по кој одиме со какво било почивалиште, доволно е само да ни даде илузија на удобност; само кога лицата ги заменуваме со екрани, само кога реалното го заменуваме со виртуелното; само кога ги сакаме едноставните вкочанети одговори отколку болните прашања.
Во својот говор Папата ги повика студентите да продолжат да бараат и да бидат подготвени да ризикуваат. Во овој историски момент, нашиот свет се соочува со огромни предизвици и ги слушаме болните крици на многумиина наши браќа и сестри. Но, да се осмелиме да мислиме дека не сме во агонија на смртта, туку на патот на раѓањето, не на крајот, туку на почетокот на едно големо ново поглавје од историјата. Бидете, значи, протагонисти на „новата кореографија“ која го става човекот во центарот, бидете кореографи на танцот на животот, ги повика Папата студентите во својот говор на средбата одржана во Лисабон на вториот ден од неговата посета во Португалија.
Самозачувањето е секогаш искушение, реакција на стравови кои го искривуваат нашиот поглед на реалноста. Ако семето би гледало како да се зачува, целосно би ја уништило својата сила за раѓање и сите ќе нè осуди на глад. Кога зимите би сакале само да се зачуваат, не би можеле да и се восхитуваме на пролетта. Затоа, најдете храброст да ги замените сомнежите со соништа: не бидете управители на стравови, туку претприемачи на соништата! – повика Папата.
Универзитетите, продолжи Светиот Отец, не би биле од корист ако едноставно ги едуцираат новите генерации за да го овековечат денешниот систем на елитизам и нееднаквост во светот, во кој високото образование е привилегија на малкумина среќници. Ако знаењето не се прифати како одговорност, тоа останува неплодно. Ако некој што добил високо образование – кое денес во Португалија, како и во целиот свет, сè уште е привилегија – не се обиде да даде нешто за возврат за она што го добил, тој не разбрал целосно што му е дадено. Во Книгата Битие, првите прашања што Бог ги поставува на човекот се: „Каде си?“ (Битие 3,9) и „Каде е твојот брат?“ (Битие 4,9). Добро е да се запрашаме: Каде сум јас? Дали сум заробен во сопствениот кожурец или сум подготвен да го преземам ризикот да ја напуштам својата сигурност и да станам верен христијанин, работејќи да обликувам свет на правда и убавина? И понатаму: каде е мојот брат? Искуствата од братската служба како што е Missão País и многу други што се случуваат во академските заедници треба да се сметаат за клучни за оние што посетуваат универзитети. На стекнатата академска диплома не треба да се гледа само како лиценца за постигнување лична благосостојба, туку како мандат да се посветите на поправедно и поинклузивно, односно навистина напредно општество, рече Папата и упати прашање до студентите, нарекувајќи ги „ходочасници на знаењето“: Што сакате да постигнете во Португалија и во светот? Какви промени, какви трансформации? И како можат универзитетите, особено католичките, да придонесат за ова?
Во продолжение на својот говор Папата истакна дека мора да ја препознаеме драматичната и итна потреба да се грижиме за нашиот заеднички дом. Сепак, тоа не може да се направи без вистинско преобраќање на срцето и промена на антрополошката визија на која почива економскиот и политичкиот живот. Не можеме да се задоволиме со само „палијативни“ мерки или срамежливи и двосмислени компромиси, бидејќи „полумерките едноставно ја одложуваат неизбежната катастрофа“. Напротив, станува збор за преземање одговорност за она што за жал продолжува да се одложува: потребата од редефинирање на она што го нарекуваме напредок и развој. Затоа што, во име на напредокот, имаше премногу уназадување. Вие сте генерацијата која може да го надмине овој предизвик: ги имате најнапредните научни и технолошки алатки во ваши раце, но не паѓајте во замката на парцијални пристапи. Не заборавајте дека ни треба целосна екологија, дека треба да ги слушаме страдањата на планетата заедно со страдањата на сиромашните; дека треба да ја поврземе драмата на опустинувањето со драмата на бегалците; темата за миграција со темата за опаѓање на наталитетот; дека треба да се занимаваме со материјалната димензија на животот во рамките на духовната димензија. Наместо поларизирани пристапи, потребна ни е сеопфатна визија.
Направете ја вашата вера веродостојна преку вашите избори. Затоа што ако верата не произведува убедливи животни стилови, таа нема да биде „квасец“ во светот. Не е доволно христијанинот да биде убеден, тој мора да биде и уверлив. Нашите дела се повикани радосно и радикално да ја одразуваат убавината на Евангелието. Понатаму, христијанството не може да се живее како тврдина опкружена со високи ѕидини, тврдина која крева бедеми против светот. Во секое време, една од најважните задачи за христијаните е да го вратат значењето на воплотувањето. Без воплотување, христијанството станува идеологија; воплотувањето ни овозможува да бидеме воодушевени од убавината на Христос откриена во секој брат и сестра, секој маж и жена, рече Папата во својот говор пред студентите во Лисабон.
Ватикан њуз/к.мк