Папата Фрањо телефонски разговарал со францускиот претседател Емануел Макрон. Се разговарало за неговата неодамнешна посета на Ирак и предизвиците на светот во времето после пандемијата
Папата Фрањо и претседателот на Франција, Емануел Макрон, разговарале телефонски во недела 21 март 2021 година, се вели во соопштението за печат од Кабинетот на францускиот претседател. Нивниот разговор траел околу 40 минути и е договорен откако претседателот Макрон му испратил порака на Папата по повод 8-годишнината од неговиот избор за Папа. Последен пат тие разговарале на 30 октомври минатата година, по нападите врз катедралата во Ница, во кои загинаа 3 лица.
Посетата на Ирак „пресвртна точка“
Канцеларијата за печат на францускиот претседател соопшти дека за време на нивниот разговор двајцата долго зборувале за неодамнешното Апостолско патување на Папата во Ирак.
Макрон рече дека посетата претставува „вистинска пресвртница“ за регионот на Блискиот Исток.
Соговорниците, исто така, се задржале на своите „мисли и грижи“ за неколку кризи во различни делови на земјината топка.
На средбата се разговарало и за „порастот на џихадизмот во Африка и во регионот на Сахел и на источниот брег на континентот“, како и критичната состојба во Либан.
Светот после пандемијата
Според изјавата на канцеларијата за печат на францускиот претседател претседателот Макрон разговарал со Папата и за „предизвиците на светот во времето после пандемијата“.
Папата Фрањо објави книга со британскиот новинар Остин Ајвери на оваа тема, во која тој истакнува дека на човештвото му е дадена можност да изгради подобар свет по пандемијата.
Наскоро по почетокот на пандемијата, Папата формираше специјална Комисија во Ватикан, за да му помогне на човештвото за предизвиците со кои се соочува одејќи напред.
Ватикан њуз/к.мк