Во својата проповед за време на Конзисториумот за именување на нови кардинали, во сабота 27 август 2022 година, папата Фрањо ги охрабри новите кардинали со апостолска ревност, поттикнати од огнот на Светиот Дух да навестуваат и да сведочат за безграничната Божја љубов во нивните служби. Тој, исто така, ги замоли сите да се молат за новиот кардинал Ричард Куи Баавобро, бискуп на Ва во Гана, кој беше хоспитализиран откако пристигна во Рим на конзисториумот.
Цитирајќи го делот од Евангелието според Лука кога Исус вели: „Јас дојдов да фрлам оган на земјата и колку би сакал да се беше веќе разгорел!“ (12,49), папата Фрањо ја фокусираше својата проповед на сликата за огнот „силниот пламен на Божјиот Дух“, кој ја одразува „страсната љубов која сѐ чисти, обновува и преобразува“.
Се осврна на два примера на тој оган: пламенот што го опфаќа Божјата љубов и тивкиот и благ оган, кој Исус го запали на брегот додека подготвувал риба за учениците, како што е опишано во Евангелието по Иван.
Огнот на Божјата безгранична љубов
Папата истакна дека за оние на кои им е дадена некоја посебна служба, „исто како да ни дава запален факел и ни вели: „Земете го ова; Како што Ме прати Отецот, така и Јас ве праќам“ (Иван 20,21). На тој начин Господ ја дава сопствената „апостолска храброст“ и ревност за спасение на секој човек, без исклучок.
„Тој сака да ја сподели со нас својата дарежливост, својата безгранична и безусловна љубов, бидејќи неговото срце гори од милосрдието на Отецот.
Во тој оган внатре, објасни Папата, постои „таинствена напнатост“ во неговото послание во обезбедување верност на својот народ, но со „отвореност кон сите народи, кон хоризонтите на светот, кон перифериите кои се уште се непознати“.
„Ова, браќа и сестри, е огнот што Исус дојде да го ’донесе на земјата’, огнот што Светиот Дух го пали во срцата, рацете и нозете на сите што го следат.
Благ оган
Огнот од жар, објасни Папата, ја одразува Исусовата „кроткост, верност, блискост и нежност“ и како да „уживаме во присуството на живиот Исус во нашата средина“. Како тој оган, неговото присуство станува топлина и храна за нашиот секојдневен живот.
Папата го наведе примерот на Свети Шарл де Фуко, „кој живеел со години во нехристијанска средина, во осаменост во пустината, фокусирајќи се на присуството: присуството на живиот Исус, во Словото и во Евхаристијата, неговото присуство, братско, пријателско и милосрдно“.
Спомна и други примери на монаси и свештеници кои „издржаа во несебичното и понизно служење“, како и сопружници кои го одржуваат пламенот на Божјата љубов со своето скромно служење и воспитување на децата. Тој ја спомена ревноста со која сведочат постарите преку нивното сеќавање и искуство што го споделуваат со семејството и заедницата, поврзувајќи и придвижувајќи ги луѓето од различни генерации.
„Драги браќа кардинали, со светлината и силата на овој оган оди светиот и верен народ од кого бевме земени и кај кои бевме испратени како слуги на Христос Господ.
Примери за живиот оган Божји
Папата ги поттикна новите кардинали да размислат како ги доживуваат овие два пожари во сопствениот живот и да видат како „човекот со апостолска ревност е поттикнат од огнот на Духот храбро да се справува со големи и мали нешта“.
Папата истакна две сведоштва: прво она на италијанскиот кардинал Агостино Казароли, познат по неговата отвореност да промовира далекусежен дијалог за да одговори на новите надежи што се отворија во Европа по Студената војна. Иако се фокусираше на овие големи прашања, тој исто така понизно и тивко ги посетуваше затворениците во својата пасторална работа преку затворската служба.
Светиот Отец потсети и на покојниот виетнамски кардинал Ван Туан, кој во текот на дваесеттиот век бил „воден од огнот на неговата љубов кон Христос да се грижи за душите на затворските чувари кои стоеле пред вратата од неговата затворска ќелија“.
На крајот, Папата ги повика сите да размислат за Исус, кој ни ја покажува „таа скромна големина, таа скромна моќ, таа универзална визија која секогаш внимава на деталите“. Зборувајќи метафорично, тој рече дека тајната на Божјиот оган го осветлува небото и полека ја подготвува храната за сиромашните семејства, мигрантите и бездомниците.
Дури и денес, Исус сака да го донесе тој оган на земјата. Тој сака одново да го осветли на бреговите на нашето секојдневие. Исус нè повикува по име; нѐ гледа во очи и прашува: Може ли да сметам на тебе?
Ватикан њуз/к.мк