Папата Фрањо го прими претседателот на Малави Лазар Мекарти Чаквер, кој потоа се сретна со кардинал Паролин и надбискупот Галагер, со кои разговараше за состојбата во земјата и во светот
Малави е мала земја, но е меѓу најгусто населените во Африка, со огромно мнозинство од населението со просечна возраст од околу 35 години. Покрај тоа, таа е земја која има добар социо-економски развој, со постојани промени и на црковно ниво. Минатиот месец, на пример, имаше вест дека Малави, Замбија и Зимбабве се движат кон автономен епископски ентитет на регионално ниво. Ова е сликата за земјата чиј претседател Лазар Мекарти Чаквера беше примен од папата Фрањо во аудиенција, во понеделник 19 август 2024 година, и помина дваесет минути разговарајќи со него. Потоа, претседателот имаше средби во Државниот секретаријат.
Дијалог и помирување
Добрите односи меѓу Светиот Престол и Малави беа истакнати за време на срдечните разговори со државниот секретар кардинал Пјетро Паролин и надбискупот Пол Ричард Галагер, секретар за односи со држави и меѓународни организации – како што е наведено во соопштението од Канцеларијата за печат на Светиот Престол. Соговорниците се осврнаа на некои аспекти од политичката и социо-економската состојба во земјата, особено на соработката со Католичката црква во областа на здравството, образованието и стручната обука.
За време на разговорот беа разменети мислења и за регионални и меѓународни прашања, а беше истакната важноста од промовирање на дијалогот и помирувањето меѓу народите – се нагласува на крајот од соопштението на Канцеларијата за печат на Светиот Престол.
Подароци
Во моментот на размената на подароците, папата Фрањо на претседателот на Малави му подари бронзена изработка на која се претставени две споени раце, а во позадина колонадата на плоштадот Свети Петар, жена со дете и брод со мигранти. Под нив се напишани зборовите: „Да ги наполниме рацете со други раце“. Освен тоа, Светиот Отец подари копија од овогодинешната Порака за Светскиот ден на мирот и книга од ватиканската издавачка куќа за Статио Орбис со датум од 27 март 2020 година. Претседателот Мекарти Чаквера му подари на папата Фрањо дрвен релјеф направен од локални занаетчии, на кој е прикажана мапа на Малави, на која се означени главните градови и животни што живеат во земјата.
Ватикан њуз/к.мк