Вистинскиот леб, кој Исус му го дава на гладниот народ е „лебот на словото“
Денешното Евангелие ни зборува како се враќаат кај Исус апостолите после првата задача и го известуваат за сето она што го направиле и што почувале – рече папата Фрањо пред молитвата Ангел Господов, која ја молеше на 22 јули 2018 година со бројните верници и ходочасници присутни на плоштадот Свети Петар.
После искуството од таа задача, секако возбудлива и напорна, имале потреба од одмор – рече Папата и забележа: Исус полн со разбирање се грижи да им обезбеди малку одмор и им вели: „Дојдете и вие во осамено место и одморете се малку.” Но овој пат Исусовата намера не можеше да се исполни, бидејќи мноштвото, претчуствува на кое самотно место би можел да се упати со коработ заедно со своите ученици, таму доаѓа пред нивното пристигнување.
Истото може да се случи и денес – рече Светиот Отец и напомена: Понекогаш не успеваме да ги оствариме своите проекти, бидејќи се случило нешто непредвидено и важно, нешто што ги расипува нашите планови и бара да бидеме отворени и на располагање за потребата на другите.
Во такви случаи сме повикани да се однесуваме на начин како што се однесувал Исус: „Кога излезе, виде многу народ и се смилува над нив, зашто беа како овци без пастир; и почна да ги поучува многу.“ – го цитира папата Фрањо евангелието и објасни: Во таа кратка реченица евангелистот ни дава отсјај на светлото на единствената сила фотографирајќи ги очите на божествениот Учител и неговото поучување.
Да размислуваме за три глаголи од таа филмска слика: да се гледа, да се сочувствува и да се поучува. – поттикна Папата и продолжи: Можеме да ги наречеме Пастирски глаголи. Исусовиот поглед не е неутрален поглед, или уште полошо, ладен и далечен, бидејќи Исус секогаш гледа со очите на срцето. Неговото срце е толку нежно и полно со сочувство, кое знае да ги почувствува човечките потреби, па и оние најсокриените. Освен тоа, неговото смилување едноставно не покажува само чувствително делување кон тешката положба на луѓето, туку многу повеќе: тоа е став на отвореноста на Бог кон човекот и неговиот живот. Исус се покажува како остварување на грижата и Божјата грижа за својот народ.
Затоа што Исус беше допрен гледајќи го мноштвото на луѓе кои имаа потреба од водство и помош, би очекувале веднаш да започне да прави некои чуда – рече Папата и истакна: Меѓутоа започна да ги поучува во многу работи. Тоа е првиот леб, кој Месијата го дава на гладното и изгубено мноштво: лебот на словото.
Сите имаме потреба од зборови на вистина, кои ќе нѐ водат и ќе го осветлуваат патот – рече папата Фрањо и додаде: Без вистината, која е самиот Христос, не може да се најде вистинскиот правец во животот. Кога ќе се оддалечиме од Исус и од неговата љубов, се губиме и нашиот живот се претвора во разочарување и незадоволство. Со Исус кој секогаш е покрај нас можеме да продолжиме сигурно, можеме да ги надминеме искушенијата, можеме да напредуваме во љубовта кон Бог и ближниот. Исус стана дар за другите, на тој начин за секој од нас стана пример за љубов и служење
Блажена Девица Марија нека ни помогне да ги носиме проблемите, страдањата и тешкотиите на нашите ближни со помош на взаемно делење и служење – рече Светиот Отец во пладневниот говор пред молитвата Ангел Господов.
Ватикан њуз/к.мк