Денес е неопходно на сите нивоа одлучно да се оди по патот на дијалог, истакна Папата, во понеделник 9 мај 2022 година, на средбата со студентите и вработените на Универзитетот во Мачерата. Како што рече, инвестирањето во образованието, училишта и универзитети се најдобрата инвестиција за иднината на една држава.
Универзитетот треба да биде место каде што умот се отвора за хоризонтите на знаењето, животот, светот, историјата. Ова го истакна Светиот Отец, обраќајќи им се на вработените и студентите на италијанскиот универзитет Мачерата, додавајќи дека овој хоризонт се „удвојува“ ако погледнеме на фактот дека секој човек, секој студент кој го поминува прагот на универзитетот е еден универзум во самиот себе. Така, на универзитетот се среќаваат два универзума: тој на светот, знаењето и човекот, и личноста, млад човек со својата историја и карактеристики, неговите соништа, интелектуални, морални, духовни, квалитети, како и неговите ограничувања, рече папата Фрањо. Секој поединечен човек е универзум што само Бог го знае целосно, со должна голема почит.
Предизвикот на универзитетот
Поврзувањето на двата хоризонта е предизвик за универзитетот, рече Светиот Отец. Од дијалогот меѓу хоризонтите на светот и личноста произлегува растот на човештвото – пред се раст на самиот студент, кој се формира, созрева во знаењето и слободата, во способноста за размислување и дејствување, критичко и креативно учество во општествениот и граѓанскиот живот – напомена папата Фрањо.
Овој човечки раст може да има само позитивен ефект врз општеството. Затоа, инвестирањето во образованието, училиштата и универзитетите се најдобри инвестиции за иднината на една земја, рече Папата, мислејќи на свети Џон Хенри Њуман, кој напиша дека во универзитетска средина младиот човек формира доживотна навика чии атрибути се слобода, праведност, смиреност, умереност и мудрост.
Одлучно да се појде по патот на дијалог
Спомнувајќи го обраќањето на ректорот на Универзитетот во Мачерата на почетокот на аудиенцијата, Папата се осврна и на аспектот на средбата со различни култури. Тоа не се случува автоматски, истакна тој – не е доволно да се соберат професори и студенти од различни средини. Неопходно е да се развие култура на средба – а универзитетот секако е привилегирано место за тоа, рече Светиот Отец, додавајќи дека Мачерата е родното место на „големиот шампион“ на културата на средба – отец Матео Ричи. Папата го пофали Универзитетот во неговите напори да го актуализира неговиот пример на меѓукултурен дијалог и рече дека е неопходно денес, на сите нивоа, решително да се појде по патот на дијалог. Во свет во кој моќниците често го избираат патот на исклучување, културата на отфрлање, потребно е време да се троши на дијалог, бидејќи тој тогаш донесува плод на многу поголем и поубав начин, рече Папата.
Ватикан њуз/к.мк