Папата: Телото не е затвор за душата

Папата: Телото не е затвор за душата

Во својот неделен наговор папата Фрањо се осврна на реалноста на воскресението, истакнувајќи дека Исус не е дух, туку меѓу апостолите вистински е присутен со своето воскреснато тело.

Затоа Исус како што тоа го толкува еванелистот Лука, забележувајќи ја вознемиреноста на апостолите, им ги покажува своите рани, и јаде со нив. Исусовата истрајност во поглед на реалноста на воскресението го расветлува христијанскиот поглед на телото кое не е затвор за душата. Телото го создал Бог и човекот не е целосен ако не е заедништвотвото на телото и душата. Исус кој воскресна со телото и душата ни покажува дека треба да имаме позитивен поглед на своето тело.

Телото може да стане оружје на гревот, но тој грев не го предизвикува телото, туку нашата морална слабост, истакна Папата. Телото е чудесен дар Божји и затоа сме повикани да го почитуваме и да се грижиме за своето тело и за телото на другите. Било каква рана, навреда или насилство на телото на нашиот ближен е тешка рана на Бог Создателот. Посебно при тоа мислам на децата, жените, старите луѓе со чии тела лошо се постапува. Во телото на тие луѓе го наоѓаме Христовото Тело. Христос ранет, исмеан, посрамен, понижен, камшикуван, распнат, нè учи на љубов. Љубовта која во неговото воскресение се покажа посилна од гревот и од смртта, сака да ги откупи сите кои на своето тело денес го носат ропството. Во светот во кој премногу често владее материјализмот, денешното Евангелие нè повикува да станеме луѓе кои се способни подлабоко да гледаат, да се восхитуваат и да се веселат затоа што сме го сретнале Воскреснатиот Исус, предупреди Папата.

Во краткото обраќање после молитвата Царице небесна, папата Фрањо се осврна на прогласениот за блажен, маченикот Лусиен Ботовасоа од Мадагаскар, татко на семејство кој е убиен од омраза кон верата, и го стави како пример на љубовта кон ближниот и во истрајноста во верата.

Папата исто така во молитвата се сети на киднапираните и убиени Еквадорци, искажувајќи ја близината на нивните семејства и на целиот еквадорски народ. Ги спомна и Винсен Ламберт и Алфи Еванс, како и сите тешко болни луѓе во другите држави. Да се молиме секој болен да биде почитуван во своето достоинство и со оглед на состојбата со согласноста на своето семејство, лекарите и другите здравствени работници да биде примерно негувани и тоа со голема почит кон животот, рече Папата.

РВ/к.мк

Категорија: Ватикан, Вести

За авторот