Семејството е тивка песна на надеж во светот, каде оддалеченоста од Бога ја потхранува сиромаштијата, насилството, рамнодушноста и отфрлањето на најранливите – потсети Светиот Отец.
Јубилеј, надеж и семејство
На 19 септември 2025 година, Лав XIV прими на аудиенција во Ватикан учесници на Римскиот собир за иднината на семејството, организиран од Советот на епископските конференции на Латинска Америка и Карибите (CELAM). Папата ги повика присутните да размислат за три поими: Јубилеј, надеж и семејство.
Јубилеј – повик за враќање кон Бога
„Во Стариот Завет, Јубилејот симболизира враќање: кон земјата, кон изворната слобода на човекот, кон темелите на Божјата правда и милост. Денес, овој повик треба да го разбереме како враќање во центарот на животот – кон самиот Бог, Богот Исус Христос. Зашто најдалечната периферија не е материјалната сиромаштија ниту социјалната изолација, туку оддалеченоста од Бога. Токму таа грешна оддалеченост ги храни сите други периферии: сиромаштијата, насилството, рамнодушноста и отфрлањето на најслабите“, истакна Папата.
Тој додаде дека Јубилејот на надежта повикува да излеземе од овие периферии и да се вратиме кон корените на верата: довербата во Бога, молитвите на нашите предци и нивниот едноставен, побожен и чесен живот кој ја крепи Црквата и заедниците, потсетувајќи дека Христос е вистинскиот живот и извор на радоста.
Надеж за општото добро
Светиот Отец нагласи дека Јубилејот на надежта е пат за средба со Вистината – Бог. Ги охрабри присутните да ја темелат својата општествена дејност на надежта во Господа, а не на сопствената сила или световни очекувања. Наместо грижа за личната благосостојба, повика на посветеност на општото добро според Божјиот план.
Семејството – тивка химна на надежта
„Надежта може да се шири преку семејството,“ рече Папата, „во секој негов член Бог ни го доверува својот Син и својата Мајка, како што некогаш му довери на свети Јосиф, за да бидеме темел, квасец и сведоци на Неговата љубов.“
Тој потсети на зборовите на Павле VI при посетата на Назарет: да го следиме примерот на Светото Семејство – да се поддржуваме во тишина, труд и молитва, за Божјиот план на љубовта да се исполни во животот на секое семејство.
На крајот, Лав XIV посака христијанските семејства да станат тивка химна на надежта, која со својот живот ќе ја пренесува светлината Христова.
Ватикан њуз/к.мк