Папата се сретна со мала група Језиди

Папата се сретна со мала група Језиди

„Неприфатливо е човечки битија да бидат прогонувани и убивани поради религиската припадност! Секој има право слободно и без ограничувања да го исповеда своето религиозно уверување”. Тоа го истакна папата Фрањо пред мала група претставници на језидската заедница од Германија, со кои се сретна во среда 24 јануари 2018 година во приемната сала на ватиканската аула „Павле VI” кратко пред Генералната аудиенција со верниците и поклониците во Рим.

На средбата папа Фрањо посебно се задржа на животните услови на Језидите во Ирак и Сирија. „Моите солидарни и молитвени мисли се насочени кон невините жртви на бесмисленото нечовечко варварство”.

„Вашата историја, богата со духовност и култура – рече Папата – за жал беше одбележана со неопишливи прекршувања на основните човекови права: киднапирања, поробувања, мачења, насилна промена на верата, убиства. Вашите светилишта и молитвени места беа уништени. Некои од вас успеаја да избегаат, но оставија сè што поседуваа, дури и најскапите и свети работи”.

Во многу делови на светот – истакна Папата – сѐ уште има верски и етнички малцинства, кои се прогонувани поради верата меѓу кои има и христијани. Светиот Престол никогаш не ќе се умори да ги разобличава овие ситуации, барајќи признавање, заштита и почитување на овие малцинства. Истовремено, поттикнува на дијалог и помирување, за исцелувањето на секоја рана. Уште еднаш го издигам мојот глас во корист на правата на Језидите, пред сè за нивното право да постојат како верска заедница: Никој не може да си земе право да избрише една религиозна група, бидејќи не е дел од така наречените „толерирани” групи.

Размислувајќи – продолжи Папата – и за членовите од вашата заедница, кои сѐ уште се во рацете на терористите: посакувам искрено, да се направи сѐ што е можно за нивно спасение; како и за наоѓање на исчезнатите, да се идентификуваат и достојно да се погребат сите убиени. Меѓународната заедница не може да биде молчлив и без дејство гледач на вашата трагедија. Затоа, ги охрабрувам институциите и луѓето со добра волја кои припаѓаат на другите заедници, да придонесат за обнова на вашите домови и молитвени места. Нека не се запоставуваат конкретните напори за создавање на соодветни услови за враќање на бегалците во нивните домови и заштитата на идентитетот на језидската заедница”, истакна Папата на крајот на средбата со малата група Језиди”.

РВ/к.мк

Категорија: Ватикан, Вести

За авторот