Папата: Молам за жртвите од циклонот во Мајот и за крај на војните

Папата: Молам за жртвите од циклонот во Мајот и за крај на војните

На крајот од Генералната аудиенција одржана на 18 декември 2024 година во салата на Павле VI, Папата ја спомена трагедијата во архипелагот крај брегот на Мозамбик и повторно повика на мир во светот. Тој изрази благодарност и за убавиот пречек на Корзика.

Во присуство на седум илјади верници собрани во салата Павле VI на последната Генерална аудиенција пред Божиќ, папата Фрањо во своите апели по катехезата ги спомена жителите на островите Мајоти кои во последните денови беа погодени од многу силен циклон.

Господ нека им даде покој на оние кои ги загубија животите, помош на оние во потреба, и утеха на семејствата кои беа погодени.

Војната е пораз

Светиот Отец не се изморува да повикува за дарот на мирот, а тоа го направи и после Генералната аудиенција, спомнувајќи ја напатената Украина, обраќајќи им се на полските верници, како и во поздравите до групите италијански ходочесници:

Да не заборавиме на луѓето кои страдаат поради војната: Палестина, Израел и сите оние кои страдаат, Украина, Мјанмар… Да не заборавиме да молиме за мир, војните да престанат. Војната, да не заборавиме, секогаш е пораз, секогаш! Војната е секогаш пораз.

Отворено срце, особено кон сиромашните

Папата потоа потсети на божиќните традиции, посакувајќи тие да бидат знак на духот на прифаќање и великодушност и секој дом да има божиќна пештера. Тоа е важен елемент на нашата духовност и нашата култура, сугестивен начин на сеќавање на Исус Кој дојде да живее меѓу нас – рече Папата. Меѓу обичаите од оваа време, тој, при поздравувањето на полските ходочесници, потсети на нивниот обичај да се крши „оплатек“, бесквасен тенок бадников леб. Тој гест на милосрдие, мир и простување – рече тој – е израз на отворено срце кон оние што ќе ги сретнете на вашиот пат. Истовремено ги охрабри сите пред сѐ да не ги заборават сиромашните, осамените и жртвите од поплавите.

Сеќавање убавиот пречек на Корзика

Поздравувајќи ги ходочесниците кои зборуваат француски, Папата посебно им се обрати на учениците од различните училишта во Париз и Дижон, како и на верниците кои ги придружуваат моштите на Света Тереза ​​на Детето Исус. Тој потоа го спомна патувањето на Корзика на кое беше во неделата и го истакна многу иот пречек. Како што рече, особено бил импресиониран од ентузијазмот на луѓето и сознанието дека религијата таму не е приватна работа. Тој ги спомна и големиот број деца кои беа присутни во Ајачио, што веќе им го посочи тоа на новинарите при неговото враќање во Рим. Тоа е голема радост и голема надеж! – додаде Светиот Отец.

Постарите да не бидат сами на Божиќ

Катехезата за Исусовиот родослов се однесува на предците, на нашите баби и дедовци и на богатството на сите постари луѓе – потсети тој, овојпат во својот поздрав до верниците кои зборуваат португалски. Тоа беше можност да се истакне вредноста на оние во поодминати години, а го направи тоа само еден ден по неговиот роденден. Тие се дар од Бога за кои треба да бидеме благодарни и да се грижиме за нив. Да не дозволиме да бидат сами за време на претстојните божиќни празници – повика на крајот папата Фрањо.

Ватикан њуз/к.мк

Категорија: Ватикан, Вести

За авторот