Госпо бара сѐ, а она што го нуди е вистински живот.
Светост или ништо! Изберете го животот на блаженствата! – поттикна папата Фрањо на празникот Сите светци, пред молитвата Ангел Господов на плоштадот Свети Петар, во Ватикан, на 1 ноември 2018 година. Осврнувајќи се на првото читање од денешната Литургија од Книгата Откровение, кое зборува за небото и нѐ става пред „големо мноштво народ,“ кое што никој не можеше да го преброи – „од сите племиња и колена, народи и јазици“ (Откровение 7, 9), Светиот Отец рече дека тие се светците!
Што работат „таму горе“? – праша Папата и одговори: Пеат заедно, Го слават Бог радосно. Би било убаво да се слушне нивната песна… Но можеме да ја замислиме. Знаете ли кога? Во текот на светата Литургија кога пееме „Свет, свет, свет Господ Бог Саваот…“ Тоа е пофалба, вели Библијата која доаѓа од неботото која таму се пее (Исаија 6,3; Откр 4, 8). Па, пеејќи „свет“ не само што мислиме на светците, туку го правиме тоа што тие го работат. Во тој момент на света Литургија со нив сме обединети повеќе од било кога.
Ние сме обединети со сите светци не само со оние најпознатите кои се наоѓаат во календарот, туку и со оние кои се на страната, со своите роднини и познати кои сега се дел од тоа големо мноштво – рече Светиот Отец и нагласи: Затоа денес е празник на семејството. Светците ни се блиску, уште повеќе, тие се наши вистински браќа и сестри. Тие нѐ разбираат, сакаат, знаат што е нашето вистинско добро, ни помагаат и нѐ чекаат. Среќни се и сакаат и ние да бидеме среќни со нив во рајот.
Затоа нѐ повикуваат на патот на среќата кој е назначен во денешното Евангелие кој е толку убав и познат: „Блажени се бедните по дух… Блажени се кротките… Блажени се чистите по срце…“ (Матеј 5, 3-8) – рече папата Фрањо и продолжи: Но како? Евангелието вели блажени се сиромашните, додека светот вели блажени се богатите. Евангелието вели блажени се понизните, додека светот вели блажени се дрските. Евангелието вели блажени се чистите по срце, додека светот кажува блажени се измамниците и оние кои уживаат. Тој пат на блаженствата и светоста како да нѐ води до пораз.
Сепак, првото читање повторно нѐ потсетува дека светците во рацете држат палмови гранчиња во рацете (Откровение 7, 9), односно симболот на победата. Тие победија, а не светот. Нѐ поттикнуваат да ја избереме нивната страна, страната на Бог Кој е свет. Да се запрашаме на која страна се наоѓаме? – рече Папата и додаде: На онаа небесната или на земната? Дали живееме за Господ или за себе, за вечната среќа или за некое сегашно задоволство? Да се запрашаме: Дали навистина сакаме светост? Дали се задоволуваме со тоа што сме христијани кои нѐ фалат, и не нѐ критикуваат, кои веруваат во Бог и го почитуваат ближниот, но без претерување?
Господ бара сѐ, а она што го нуди е вистински живот – рече Светиот Отец и истакна: Нуди сѐ, ја нуди среќата за која сме создадени (Апостолски поттик Gaudete i exsultate 1). Па, светост или ништо! Ќе ни помогне ако дозволиме да нѐ „предизвикуваат“ светците кои овде немале делумни мерки и од таму „навиваат“ за нас за да Го избереме Бог, понизноста, кроткоста, милосрдието, чистотата затоа што нѐ воодушевуваат за небото, а не за земјата.
Денес тие наши браќа и сестри не бараат повторно да го слушнеме убавото Евангелие, туку да започнеме да го живееме, да тргнеме по патот на блаженствата – рече папата Фрањо и објасни: Не се работи за исклучителни работи, туку секој ден да го следиме тој пат кој нѐ води во небото, во семејството, дома. Затоа денес да ѕирнеме во својата иднина и да го славиме она за што сме родени. Родени сме никогаш повеќе да не умреме, родени сме да уживаме во Божјата среќа! Господ нѐ поттикнува и ставајќи нѐ на патот на блаженствата вели: „Радувајте се и веселете се зашто голема е вашата награда на небесата!“ (Матеј 5,12). Нека светата Мајка Божја Царица на светците ни помогне цврсто да чекориме по патот на светоста. Нека ги воведе нашите драги покојни во небесното семејство – заврши Папата.
По пладневната молитва поздравувајќи ги сите присутни и потсетувајќи дека утре попладне оди на римските гробишта „Лаурентино“ каде ќе служи света Литургија, Светиот Отец замоли да го придружуваме со молитвата на тој ден кога се сеќаваме на оние кои си заминале пред нас во знакот на верата и да почиваат во мир.
Ватикан њуз/к.мк