Папата на светата Литургија во Екваторска Гвинеја: „Нашиот живот ја наоѓа својата смисла во Евангелието“
За време на последната света Литургија од своето апостолско патување низ четири африкански земји, папата Лав XIV ја охрабри Црквата во Екваторска Гвинеја со радост да ја продолжи мисијата на првите Христови ученици, нагласувајќи ја важноста Светото Писмо да ја осветлува смислата на нашиот живот.
Преку Светото Писмо, Бог ни ја открива смислата на нашиот живот, ни ја покажува Својата љубов и нè повикува да ја шириме до сите, рече папата Лав XIV за време на светата Литургија на стадионот во Малабо, во Екваторска Гвинеја, во четврток, 23 април 2026 година.
„Нашите проблеми не исчезнуваат во присуството на Господ, туку се осветлуваат. Како што секој крст го наоѓа своето искупување во Исус, така и нашиот живот ја наоѓа својата смисла во Евангелието“, истакна Папата во проповедта.
„Во Исус ни е даден восхитувачкиот поглед на Бога Кој Себеси се дарува за нас. Верувам ли дека Неговата љубов е посилна од мојата смрт? Со одлуката да веруваме во Него, секој од нас избира меѓу очајот и надежта што ја дарува Бог.“
„Тогаш и нашата глад за живот и правда наоѓа исполнување во зборовите на Исус: Лебот што Јас ќе го дадам за животот на светот е Моето тело“, нагласи тој.
Во таа смисла ја охрабри „Црквата во Екваторска Гвинеја“ со радост да ја продолжи „мисијата на првите Исусови ученици“.
„Додека заедно го читате Евангелието, навестувајте го со разгорено срце“, подвлече тој. „Кога заедно ја славите Евхаристијата, сведочете со својот живот за верата што спасува, за Божјото слово да стане добар квасец за сите.“
Папата Лав XIV ја започна својата проповед изразувајќи „искрено сочувство“ поради смртта на генералниот викар на Малабоската надбискупија, отец Фортунато Нсуе Есоно, кој ненадејно почина на 17 април, само неколку дена пред пристигнувањето на Папата во земјата.
„Ве повикувам овој миг на тага да го живеете со дух на вера и се надевам дека, без поколебување од шпекулации или избрзани заклучоци, околностите околу неговата смрт ќе бидат целосно разјаснети“, рече Папата.
Пречекан од околу 30.000 луѓе, ова беше последната света Литургија, која Папата ја служеше за време на своето единаесетдневно апостолско патување во четири африкански земји: Алжир, Камерун, Ангола и Екваторска Гвинеја. Ова беше и неговиот последен настан пред церемонијата на збогување на меѓународниот аеродром во Малабо, од каде што ќе замине за Рим.
Божјото слово дава плод и ослободува
Папата Лав XIV нагласи дека толкувањето на Светото Писмо бара сериозност и расудување, бидејќи „нè подготвува заедно да ја читаме книгата на историјата, односно страниците на нашиот сопствен живот, кои Бог продолжува да ги осветлува со Својата мудрост“.
Потоа се осврна на првото читање од Делата на светите Апостоли, во кое ѓаконот Филип му го толкува Писмото на евнухот на етиопската царица и му го навестува Исус.
Папата Лав забележа дека евнухот е интелигентен и културен, но не е целосно слободен, и дека сè што има е неговиот труд, кој им користи на другите. Дури и неговото тело, објасни Папата, го покажува ова, бидејќи е евнух, тој не може да даде живот, и затоа „целата негова животна сила е ставена во служба на моќ што го контролира и владее над него“.
„Сепак, додека се враќа во својата татковина Африка, која за него станала место на ропство, навестувањето на Евангелието го ослободува. Божјото Слово што го држи во рацете донесува неочекувани плодови во неговиот живот“, рече Папата.
Преку Филип, евнухот се преобразува од читател на светите текстови во учесник во самиот настан што го плени, затоа што таа сега лично го допира.
„Овој Африканец така влегува во Светото Писмо, кое го пречекува секој читател што сака да го разбере Божјото Слово“, продолжи Папата. „Тој влегува во историјата на спасението, која ги опфаќа секој маж и секоја жена, а особено угнетените, отфрлените и најмалите меѓу нас.“
Папата истакна дека ова слово станува жива стварност, затоа што на крајот од овој настан евнухот е крстен од Филип и преку оваа света Тајна „станува Божјо дете, наш брат по вера“.
„Иако бил роб и без потомство, тој се раѓа за нов и слободен живот во името на Господ Исус.“
Христос е сè за нас
Папата Лав XIV ги потсети присутните дека, како евнухот, и ние преку крштението стануваме христијани и ја примаме истата вера преку која го читаме Божјото Слово, а тоа потоа ни помага „да го навестуваме Евангелието во сопствениот живот“.
Читањето на Светото Писмо, рече Папата, „секогаш е и личен и црковен чин. Тоа никогаш не е нешто што се прави изолирано или само механички“, нагласувајќи ја важноста на водачот што нè придружува на патот на верата, како што Филип го придружувал евнухот.
Потоа папата Лав забележа дека евнухот читал дел од пророкот Исаија, кој говори за Исус, Чие страдање, смрт и воскресение нè искупуваат од гревот и од смртта. Во Него секое Божјо Слово го наоѓа своето исполнување, бидејќи „Тој ја открива неговата првобитна намера, неговата полна смисла и неговата крајна цел“.
Осврнувајќи се и на Евангелието според Иван, папата Лав нагласи дека „преку делата на Исус, Откупителот, Бог го извршува она што отсекогаш го прави: дава живот. Тој го создава светот, го спасува и го љуби засекогаш“.
Во Евангелието Христос ги потсетува Своите слушатели на Божјата постојана грижа, повикувајќи се на маната со која Бог се грижел за Израелците во четириесетгодишното одење низ пустината.
Оваа мана, објасни Папата, е знак, благослов и ветување што Исус доаѓа да го исполни, а сега ѝ го отстапува местото на Евхаристијата, „вечниот Завет“.
„Те фалиме и Те благословуваме, зашто избра да станеш за нас Евхаристија, леб на вечниот живот, за да можеме да живееме вечно“, рече Папата, додавајќи дека „Христос е сè за нас“ и дека во Него „ја наоѓаме полнотата на животот и смислата“.
Навестувајте ја Радосната вест на сите
Со оглед на оваа Радосна вест, дека Бог „секогаш прв нè љуби“ и дека Неговото Слово е „Расдосна вест за нас“, Папата нагласи дека „немаме ништо поголемо што би можеле да му го навестиме на светот“.
„Сите сме повикани на оваа евангелизација од мигот на нашето Крштение, света Тајна на братското единство, чиста вода на простувањето и извор на надежта“, подвлече тој. „Преку нашето сведоштво, навестувањето на спасението станува видливо во делата, во служењето и во простувањето. Со еден збор, тоа станува Црква.“
Папата, исто така, предупреди да не дозволиме нашиот внатрешен живот да биде зафатен со сопствените интереси, а да не им се дава простор на другите. Тој истакна дека „соочени со вакви затворени ставови, токму љубовта Господова ги одржува нашите напори, особено во служба на правдата и солидарноста“.
Папата, исто така, предупреди да не дозволиме нашиот внатрешен живот да биде зафатен со сопствените интереси, а да не им се дава простор на другите. Тој истакна дека „соочени со вакви затворени ставови, токму љубовта Господова ги одржува нашите напори, особено во служба на правдата и солидарноста“.
Ватикан њуз/к.мк

