Во авионот со кој се врати од Мароко во Рим, папата Фрањо како по обичај се сретна со новинарите и повеќе од половина час разговараше со нив за дијалогот со муслиманите, апелот за Ерусалим, за мигрантите и Европа, за случајот кардинал Барбарини.
На прашање кои последици неговата посета на Мароко ќе ги остави за иднинaта, за мирот во светот и соживотот во дијалогот помеѓу културите, Папата пред сè изразувајќи се симболички истакна дека за сега станува збор за цветови, а плодовите – како што рече, ќе дојдат подоцна. Изрази задоволство токму за завршеното патување во Мароко, како и onона во Обединетите Арапски Емирати, затоа што можел да зборува за она што силно му го допира срцето, а тоа е мирот, единството и братството меѓу луѓето. Со браќата муслимани и муслиманки тоа братство го потврдивме во документот од Абу Даби – рече Папата.
Не смееме да попуштиме – поттикна потоа и рече: Вистина е дека сѐ уште ќе има тешкотии, затоа што има упорни групи на луѓе. Би сакал тоа јасно да го кажам: во секоја религија секогаш постои фундаменталистичка група која не сака да оди напред, кои живеат од горчливите сеќавања, од конфликтите во минатото, кои повеќе бараат војна и сеат страв. Ние напротив видовме дека е поубаво да се сее надеж да се оди напред држејќи се за рака – рече Светиот Отец и истакна дека и во Мароко се видело дека се потребни мостови. Тажни сме кога гледаме луѓе кои претпочитаат да градат ѕидови. Токму тие кои градат ѕидови ќе завршат како затвореници на своите ѕидови. Напротив оние кои градат мостови, тие ќе напредуваат. Да се градат мостови според моето мислење е речиси нешто надчовечко, потребен е многу голем напор – рече папата Фрњо и го спомна Иво Андриќ и неговиот роман „Мостот на Дрина“. Тој пишува дека мостот го направил токму Бог со крилата на ангелите за луѓето да комуницираат. Мостот служи за човечката комуникација. Тоа е прекрасно, и тоа го видов во Мароко – рече Папата. Напротив ѕидовите се против комуникацијата; служат за изолација, а оние кои ги градат ќе станат затвореници.
На прашање на еден новинар што треба конкретно да се направи за да се зацврсти дијалогот, Папата рече дека дијалогот не може да биде од лабараторија; тој мора да биде човечки, а ако е човечки тоа значи дека во него се вклучени умот, срцето и рацете; токму така се потпишуваат договори – истакна Светиот Отец. На пример заедничкиот апел за Ерусалим е чекор напред кој не го направија мароканската и ватиканската власт, туку браќата верници кои трпат гледајќи го тој „град на надеж“ кој сè уште не е толку универзален како што сакаме сите: Евреи, муслимани и христијани.
Папата во разговорот со новинарите меѓу останатото изрази загриженост заради назадувањето на правата на христијаните кога им ја одземаат слободата на совеста и ги спомна лекарите и христијанските здравствени установи кои немаат право на приговор на совеста во случај на пример за евтаназијата. Црквата оди напред, а вие христијанските земји одите назад, како тоа? – праша Папата и предупреди дека постои опасност дека владите на некои земји ја одземаат слободата на совеста која е првиот чекор кон слободата на богопочитување.
Што се однесува пак на случајот за кардинал Барбарини, Светиот Отец истакна дека постапката сè уште не е завршена и важи презумцијата на невиност. Тоа е многу важно затоа што е во спротивност со површната медиумска осуда – истакна и потсети на случаите кога предвремената медиумска осуда ги уништила животите на луѓето за кои подоцна се утврдило дека се невини.
На прашањето за подигнувањето на ѕидови во САД, па и во самото Мароко каде Шпанија подигнала две прегради, папата Фрањо истакна дека човековите права се на прво место пред договорите. Што се однесува пак до мигрантите рече дека и кај луѓето со добра волја забележува страв кој – според неговите зборови, е почеток на диктатура. Да учиме од историјата: да се сее страв значи да се собира суровост, затвореност и јаловост.
Иселувањето напротив треба да се спречува со великодушност, со образовни и економски инвестиции, а не со сила – рече Папата и додаде дека е вистина дека не може една земја да ги прими сите мигранти, но може да ги распореди по цела Европа. Треба да се прифатат со отворени срца, а потоа треба да се придружуваат, да се промовираат и интегрираат. Ако една земја не може да се интегрира треба веднаш да разговара со другите за да им се овозможи на тие луѓе достоен живот.
На прашањето за педофилијата, Папата истакна дека тоа е големо светско зло, но и дека тоа не може да се сфати без духот на злото; тоа е конкретен проблем. Да се победи духот на злото не значи да се измијат рацете да се каже „тоа е ѓаволско дело“ – истакна и додаде, и ние треба да се бориме против ѓаволот, со човечките работи; (…) со дисциплински мерки, но и со покора, молитва. Потребно е да се познава и човечкиот и духовниот дел.
Ватикан њуз/к.мк