Папата: Развојот на вештачката интелигенција треба да гради мостови на дијалог и да го промовира братството

Во пораката потпишана од државниот секретар на Ватикан, кардинал Пиетро Паролин, а упатена до учесниците на Самитот „AI for Good“ на Обединетите нации во Женева, папата Лав XIV ги повикува народите да воспостават правни рамки и регулативи кои ќе служат за општото добро.
Папата Лав XIV ги охрабри народите да воспостават правна и етичка рамка за развој и употреба на вештачката интелигенција (ВИ), заснована врз начелото на општото добро. Ова го истакна во пораката упатена на 10 јули 2025 година до учесниците на самитот „AI for Good“, кој се одржува од 8 до 11 јули во Женева, Швајцарија.
„Ја користам оваа можност за да ве поттикнам да тежнеете кон етичка јасност и да воспоставите усогласено локално и глобално управување со ВИ, засновано врз заедничкото признавање на вроденото достоинство и фундаменталните слободи на човечката личност“, се вели во пораката потпишана од кардинал Паролин.
Самитот е организиран од Меѓународната унија за телекомуникации на Обединетите нации (ITU), а ко-домаќин е швајцарската влада. На настанот присуствуваат претставници на влади, технолошки лидери, научници и други експерти кои се занимаваат со ВИ.
Во ова „време на големи иновации“, кога многумина се прашуваат „што значи да се биде човек“, светот, според Папата, „се наоѓа на раскрсница, соочен со огромниот потенцијал што го носи дигиталната револуција предводена од ВИ“.
ВИ бара етичко управување и регулативна рамка
„Како што ВИ станува способна самостојно да се приспособува на многу ситуации преку технички алгоритамски избори, неопходно е да се размислува за нејзините антрополошки и етички последици, за вредностите што се во игра, како и за должностите и регулативите што се потребни за нивно зачувување“, нагласи Светиот Отец во пораката.
Тој подвлече дека „одговорноста за етичката употреба на системите со вештачка интелигенција започнува со оние што ги развиваат, управуваат и надгледуваат“, но дека и корисниците се повикани да учествуваат во таа мисија. ВИ, според него, „бара соодветно етичко управување и правна рамка која е насочена кон човекот и која надминува критериуми како што се ползата или ефикасноста“.
Градење на мирни општества
Повикувајќи се на свети Августин и неговата мисла за „спокојот на поредокот“, папата Лав истакна дека токму тоа треба да биде заедничка цел: ВИ да придонесе за „похуман поредок во општествените односи“ и за „мирни и праведни општества, во служба на целосниот човечки развој и доброто на човечкото семејство“.
Иако вештачката интелигенција може да симулира човечко расудување, да извршува задачи со брзина и прецизност, и да ги трансформира областите како што се „образованието, трудот, уметноста, здравството, управувањето, воените системи и комуникацијата“, таа „не може да го замени моралното расудување ниту способноста за вистински меѓучовечки односи“, предупреди Папата.
За него, развојот на оваа технологија мора „да оди рака под рака со почитувањето на човечките и општествените вредности, со способноста за расудување по совест и со раст во човечката одговорност“. Тој повикува на „разликување (discernment) за да се осигури дека ВИ ќе се развива и користи за општото добро, градејќи мостови на дијалог и негувајќи братство“. ВИ, завршува тој, мора да служи „на интересите на целото човештво“.
Ватикан њуз/к.мк