Папата: Придонесот на жените во Ватикан мора уште повеќе да се вреднува

Папата: Придонесот на жените во Ватикан мора уште повеќе да се вреднува

Папата Лав XIV ја нагласи важноста на дијалогот при решавањето на проблемите што се појавуваат на работното место и ја истакна потребата уште повеќе да се препознава и вреднува присуството на жените во Ватикан.

Папата Лав XIV во обраќањето до претставниците на Здружението на жени во Ватикан и Здружението на лаички работници во Ватикан (Associazione Dipendenti Laici Vaticani, ADLV) нагласи дека „присуството на жените“ во Ватикан „е драгоцено богатство кое мора уште повеќе да се препознава и вреднува“,

Вреднување на улогата на жените

Жените, рече Папата, „не внесуваат само посебна чувствителност кон луѓето и меѓучовечките односи, туку и цел спектар човечки, професионални и интелектуални дарови својствени на женското искуство и перспектива“.

„Нивната стручност, проникливост, креативност и практичен пристап“, продолжи тој, „го збогатуваат животот на овие институции и помагаат да се развие поширок поглед кон реалноста и предизвиците со кои се соочуваме“.

Светиот Отец уште еднаш ја нагласи „незаменливата централност на човечката личност и неотуѓивото достоинство на трудот“, особено во светло на развојот на вештачката интелигенција. „Работата не е само средство, таа го изразува и го унапредува достоинството на нашиот живот“, рече тој, повикувајќи се на својата енциклика Magnifica humanitas.

Заедништвото и единството во срцето на мисијата

Во Ватикан, рече Папата, особено е важно да се нагласат „два поима од основно значење, заедништвото и единството“, кои, како што истакна, „му се многу блиски на срцето“.

Папата рече дека сите „кои со својот труд служат на Папата формираат црковна заедница“, учествувајќи во мисијата што Господ му ја доверил на Петар и на неговите наследници. „Со еднакво достоинство, сите придонесуваат во истата мисија.“

Здруженијата на работниците, продолжи тој, „можат да одиграат драгоцена улога во поттикнувањето на овој дух“, но притоа не смеат „да западнат во ставови на конфронтација или конфликт“.

Патот напред е дијалогот

Кога ќе се појават проблеми на работното место, рече папата Лав XIV, „патот на дијалогот“, следен „со доверба и креативност“, „останува главниот пат за напред“.

Всушност, додаде тој, „оживувањето на дијалогот на сите нивоа“ е она што во својата прва енциклика сакал да ѝ го предложи „на целата Црква и на сите жени и мажи со добра волја“, како „составен дел од повикот на Црквата“ и „главен инструмент за соживот меѓу луѓето“.

„Додека заедно одиме по овој пат“, рече Папата на крајот, „ќе настојуваме да изградиме работна заедница во која луѓето нема да бидат ниту искористувани ниту тргнувани настрана, во која ќе се поддржуваме едни со други и ќе ги препознаваме вредноста и способностите на секого, избегнувајќи го семето на незадоволството и огорченоста“.

Ватикан њуз/к.мк

Категорија: Ватикан, Вести

За авторот