Христовото преображение ни ја покажува христијанската перспектива на страдањето.
Христовото преображение ни ја покажува христијанската перспектива на страдањето – рече папата Фрањо пред пладневната молитва Ангел Господов на 17 март 2019 година осврнувајќи се на настанот за преображението во кој Исус на учениците Петар, Јаков и Иван им го дава претвкусот на славата на воскресението, дел од небото на земјата. Евангелистот Лука ни го покажува Исус Кој се преобразил на гората која е место на светлината (Лк 9, 28-36), фасцинантен симбол на уникатното искуство кое било резервирано само за тројцата ученици – рече Папата и истакна, „И се искачи на гората да се помоли и кога се молеше, видот на лицето Негово се измени, и облеката Му стана бела и светла.“ (Лк 9, 29)
Биле навикнати секојдневно да го гледаат во едноставниот изглед на Неговата човечност, и пред тој нов сјај кој ја обвиткал целата Негова личност, останале восхитени – рече Светиот Отец и потсети: Со Исус се појавиле Мојсеј и Илија кој разговарале со Него за Неговото следно „излегување“ односно за Неговата мака, смрт и воскресение. Тоа е навестување на маката. Тогаш Петар воскликнал: „Наставниче, добро ни е овде“ (Лк 9, 33), посакувал тој момент на милости никогаш да не престане.
Преобржението се случило во многу прецизен момент на Христовото послание, односно откако им доверил на учениците дека „треба да пострада многу, да биде отфрлен, и дека ќе биде убиен, и дека на третиот ден ќе воскресне“ (Лк 9, 21) – рече папата Фрањо и продолжи: Исус знаел дека тие не ја прифаќаат таа реалност на Неговиот крст и смрт и затоа сакал да ги подготви за да можат да ја поднесат соблазната на страданието и смртта на крстот за да знаат дека тој е патот по кој Отецот небесен ќе го доведе во слава својот Син, воскреснувајќи го од мртвите. Тој исто така ќе биде патот на учениците. Никој не може да дојде во живот вечен ако не Го следи Исус носејќи го својот крст во овоземскиот живот.
Па, Христовото преображение ни ја покажува христијанската перспектива на страдањето – рече Папата и објасни: Таа е неопходна, но минлив пат. Целта на која сме повикани е сјајна како лицето на преобразениот Христос. Во Него спасението е блаженство, светлина, љубов Божја без граница. Покажувајќи ја својата слава, Исус ни гарантира дека крстот, искушенијата, потешкотиите со кои се бориме имаат решение и треба да бидат надминати во Неговото страдание и воскресение. Затоа во овој Велики пост и ние да се искачиме на гората со Исус! Како? Со молитвата.
Да се искачиме на гората со тивка молитва, со молитвата на срцето, барајќи го секогаш Господ – рече Светиот Отец и поттикна: Да останеме неколку минути прибирајќи ги тие мисли, секој ден по малку, да го свртиме внатрешниот поглед на Неговото лице и да дозволиме Неговото светло да нè исполни и да зрачи во нашиот живот. Имено евангелистот Лука го истакнува фактот дека Исус се преобразил „кога се молеше“ (Лк 9, 29). Тој се потопил во доверлив разговор со Отецот во кој одекнувале законот и пророците, Мојсеј и Илија и додека го соединувал целото свое битие со спасителната волја на Отецот, вклучувајќи го крстот. Славата Божја го засенила појавувајќи се и однадвор.
Молитвата во Христос и во Светиот Дух ја преобразува личноста одвнатре и може да ги просветлува другите и светот кој нè опкружува. Колку пати сме среќавале луѓе кои блескаат, на кои им блеска светлина од очите, кои имаат поглед полн светлина и кои молат. Молитвата нè просветлува со светлината на Светиот Дух. Радосно да го продолжиме нашето патување во Великиот пост. Да дадеме простор на молитвата и на Словото Божјо кое овие денови во изобилство ни го нуди Литургијата. Нека Блажена Дева Марија нè научи да бидеме со Исус па и тогаш кога не ги разбираме и не ги сфаќаме Неговите патишта затоа што само останувајќи со Него ќе ја видиме Неговата слава – заврши папата Фрањо.
Ватикан њуз/к.мк