Папата преку видео порака се обрати до египетскиот народ

Папата преку видео порака се обрати до египетскиот народ

На нашиот свет му се потребни градители на мостови на мирот, дијалогот, братството, правдата и човечноста – истакна папата Фрањо во видео пораката до египетскиот народ, по повод посетата на таа северноафриканска земја. Пораката ја пренесе египетската телевизија.

Светиот Отец рече дека е радосен и благодарен што може да го посети Египет, колевката на цивилизацијата, дарот на Нил, земјата на сонцето и гостопримството, земјата во која живееле патријарси и пророци и каде Бог е милосрден и добар, семоќен и Единствен, дал да се слушне неговиот глас.

Навистина сум среќен – рече Папата – што доаѓам во вашата земја како пријател, гласник на мирот и поклоник, во земјата која пред повеќе од 2000 години понудила засолниште и гостољубивост на Светото семејство додека бегале од царот Ирод. Почестен сум што можам да ја посетам земјата која ја посетила Светото семејство! – нагласи папата Фрањо.

Срдечно ги поздрави и се заблагодари на сите за поканата да го посети Египет, вклучувајќи го претседателот на државата, потоа коптскиот православен патријарх Тавадрос II, големиот имам на универзитетот Ал-Азхар, и коптско-католичкиот патријарх. Исто така им се заблагодари на оние кои напорно работеле за да го овозможат ова патување.

Би сакал оваа посета да биде сведоштво на мојата приврзаност, утеха и охрабрување за сите христијани на Блискиот Исток – истакна Светиот Отец – Порака на пријателство за сите жители на Египет и околните подрачја, како порака на братство и помирување со своите деца Авраамови, посебно исламскиот свет во кој Египет зазема истакнато место. Исто така се надевам – продолжи Папата – дека мојата посета ќе даде плоден придонес за меѓурелигискиот дијалог со следбениците на исламот и екуменски дијалог со чесната и сакана Коптска Православна Црква.

Папата Фрањо рече дека нашиот денешен свет е растргнат од слепото насилство, насилството кое го погоди и Египет. На нашиот свет му е потребен мир, љубов и милосрдие – нагласи Светиот Отец – потребни му се миротворци, луѓе кои се слободни и кои ги ослободуваат другите, храбри мажи и жени кои учат од минатото за да ја изградат иднината, слободни од било кој облик на предрасуди. На нашиот свет му се потребни луѓе способни да градат мостови на мирот, дијалогот, братството, правдата и човечноста – порача Папата повикувајќи на крајот за сите жители на Египет благословот на Семоќниот Бог и да ја заштити нивната земја од секое зло.

РВ/к.мк

Категорија: Ватикан, Вести

За авторот