Папата Фрањо упати телеграма со сочувство по повод смртта на бискупот Луиџи Бетаци, еден од најмладите учесници на Вториот ватикански собор и неуморен промотор на ненасилството, правдата и мирот.
Папата Фрањо изрази духовна близина со семејството и со сите оние кои тагуваат поради смртта на бискупот Луиџи Бетаци, кој почина во саботата, на 16 јули 2023 година, само неколку месеци пред неговиот 100-ти роденден.
Во телеграмата потпишана од државниот секретар кардинал Пјетро Паролин, во име на Папата и упатена до бискупот Едоардо Алдо Серато од Ивреа, Папата потсети на прелатот за кого рече дека бил „толку сакан и ценет од оние што ги среќавал за време на неговата долга и плодна служба“.
Посебно, истакнува папата Фрањо, тој го памети како „голем љубител на Евангелието кој се истакна по својата близина со сиромашните, станувајќи пророчки знак на правдата и мирот во одреден период од историјата на Црквата, како и човек на дијалог и референтна точка за бројни претставници на италијанскиот јавен и политички живот“.
Бискупот Бетаци од Ивреа, во северниот италијански регион Пиемонт, беше долгогодишен пријател на Pax Christi International и служеше како претседател на мировното движење од 1978 до 1985 година. Неговиот фокус на активно ненасилство, разоружување и човекови права поттикнати од библиската духовност беше очигледен во многуте книги што ги напиша, но и со својот завет, да се откаже од богатството и привилегиите и да прифати начин на живот на евангелско сиромаштво.
Тој одигра голема улога во промовирањето на дијалогот меѓу Католичката црква и италијанската политичка сцена, па дури и се понуди себеси – заедно со уште двајца бискупи – како заложник на терористите на Црвените бригади во замена за киднапираниот поранешен италијански премиер Алдо Моро.
Храбар сведок на Соборот
Пораката на Папата продолжува со зборови на благодарност до Господа „за неговото храбро сведоштво на Соборот“, молејќи за вечната награда ветена на верните слуги.
На крајот, Папата го сподели својот апостолски благослов на бискупската на бискупот Бетаци и врз „онаа од Болоња, која го почиува како презвитер, а потоа и како помошен бискуп“.
Ватикан њуз/к.мк