Папата: Напредокот не смее да остави нови урнатини зад себе

Папата: Напредокот не смее да остави нови урнатини зад себе

Папата Лав XIV се сретна со учесниците на средбата „Fratelli tutti: социо-еколошки дијалог Север-Југ“ и ја нагласи заедничката одговорност пред социјалните, економските и технолошките предизвици на нашето време.

Разликите не мора нужно да водат до поделба. Тие можат да станат креативна сила кога се придружени со споделена одговорност и кога се насочени за општото добро.

Ова беше една од главните пораки на папата Лав XIV до учесниците на Четвртата синодална средба „Fratelli tutti“, кои во сабота 12 септември 2026 година, ги прими на аудиенција во Ватикан. Средбата се одржа во Рим од четврток, 10 септември, до сабота, 12 септември.

Во своето опширно обраќање, одржано на шпански и на англиски јазик, Папата ги поздрави претставниците на Латиноамериканскиот и Карипскиот епископски совет, Црковната конференција на Амазонија и Конференцијата на католичките епископи на Соединетите Американски Држави.

Тој им се заблагодари и на претставниците на меѓународните организации, регионалните развојни банки, бизнис-секторот, фондациите, синдикатите, здруженијата на работодавачи, универзитетите, црковните мрежи и општествените организации за нивното присуство.

Широката застапеност, рече Папата, ѝ дава посебно значење на оваа средба и ја покажува подготвеноста да продолжи дијалогот што може да се преточи во модели на развој кои се „почовечки, поодржливи и посолидарни“.

„Храбар и доверлив дијалог“

Папата го поврза овој напор со суштинската димензија на мисијата на Црквата. Тој потсети дека на почетокот од својот понтификат, на 10 мај 2025 година, пред Кардиналскиот колегиум зборувал за потребата од „храбар и доверлив дијалог со современиот свет во неговите различни компоненти и реалности“.

Дијалогот со светот, објасни тој, не е споредна активност за Црквата, туку дел од нејзината евангелизациска мисија. Црквата го навестува Евангелието во конкретните околности во кои живеат луѓето и затоа е повикана директно да ја гледа реалноста на мажите и жените.

Во тој контекст, Папата потсети дека Црквата е повикана да ја „прегрне реалноста“ и да ги разоткрива противречностите што можат да го придружуваат научниот и технолошкиот напредок, чии невидени можности носат и нови одговорности.

Каква човечност сакаме да изградиме?

Соочен со технолошкиот развој, папата Лав XIV повика да се оди подалеку од едноставното прифаќање или отфрлање на одредени алатки. Одлучувачкото прашање, рече тој, е „каква човечност сакаме да изградиме и какво место ќе има секој човек во неа“.

Папата го постави ова прашање во хоризонтот на христијанската вера: Бог влезе во историјата и, во Исус Христос, го прими човештвото. Затоа Црквата е повикана во историјата да распознава што навистина му служи на човекот, а што на крајот може да се сврти против него.

Преобразбите на нашето време, додаде тој, бараат одговорност што ги надминува можностите на која било поединечна институција. Оттука произлегува потребата повторно да се вреднува логиката на супсидијарноста, признавајќи ја сопствената одговорност на секој чинител, но и потребата од заедничка работа.

Во таа насока, Папата ја поздрави иницијативата за промовирање Агенда за заедничка одговорност Север-Југ, насочена кон мултисекторска соработка.

„Кога јавните институции, бизнисите, работниците, универзитетите, заедниците и општествените организации ги споделуваат своите знаења, способности и ресурси во служба на општото добро, конкретен облик добива уверувањето созреано во рамките на социјалното учење на Црквата, кое моите претходници го развија на различни начини: големите општествени предизвици бараат споделена одговорност, учество и соработка меѓу различните тела на општеството.“

Католичката социјална наука како процес на расудување

Во делот од своето обраќање на англиски јазик, Папата се осврна на res novae, новите реалности што го обликуваат нашето време, повикувајќи на институции способни да регулираат без да задушуваат.

Тој ја истакна и одговорноста на бизнисите, кои треба да го признаат човечкото достоинство, а не само профитот, како мерка за успех.

Во оваа смисла, Папата го нагласи значењето на католичката социјална наука. Тој истакна дека тоа не е прирачник со принципи и правила што треба механички да се применуваат, туку „процес на заедничко расудување“.

Тоа не ги заменува одлуките што различните чинители се повикани да ги донесат, рече Папата. Наместо тоа,  нуди критериуми за процена дали тие одлуки навистина го почитуваат човечкото достоинство и му служат на општото добро.

Култура на преговарање

Папата Лав XIV охрабри и негување на „здрава култура на преговарање“.

Преговорите, рече тој, можат да отворат патишта таму каде што изгледа дека разликите ја затвориле секоја можност за средба. На тој начин, оние што се вклучени во процесот можат да придонесат и за дипломатијата на мирот што му е потребна на светот.

Папата го заврши своето обраќање изразувајќи надеж дека напредокот на нашето време нема да остави нови урнатини зад себе, туку дека она што го градиме навистина ќе стане „дом и засолниште за сите“.

Ватикан њуз/к.мк

Категорија: Ватикан, Вести

За авторот