Папата на Денот на посветениот живот: Да дозволиме да бидеме поттикнати од Духот како Симеон и Ана
Славејќи света Литургија на Денот на посветениот живот на 2 февруари во базиликата Свети Петар, папата Фрањо на присутните монахињи и монаси им ја истакна важноста на истрајноста и храброста за да направат место за Божјото делување.
За време на проповедта, Светиот Отец им порача на членовите на општествата на посветен и апостолски живот, како и на учесниците на меѓународната средба за подготовката за Јубилејот 2025 година, „трпеливо да чекаат, да бидат будни во духот и да истраат во молитвата“.
Осврнувајќи се на пророчкото исчекување на Господовото доаѓање како што навестува пророкот Малахија: „И Господ, кого вие го барате, ненадејно ќе дојде во храмот“ – Папата ги истакна ликовите на Симеон и Ана, кои беа просветлени од Светиот Дух и Го препознаа Господ во Детето што Марија го носеше во рацете додека влегуваше во храмот. „Добро е да ги гледаме овие двајца старци кои трпеливо чекаа, будни во духот и упорни во молитвата. Нивните срца останаа будни, како вечен пламен. Тие се напредни во годините, но млади во душата“, рече Папата.
Нивната способност да го зачуваат пламенот на надежта е повик до христијаните во свет полн со пречки да останат во очекување, со поглед вперен во Бога. „За време на нивниот животен пат доживеаја тешкотии и разочарувања, но не се предадоа на поразот. Набљудувајќи го детето, „тие препознаа дека дојде времето, пророштвото се исполни, Оној што го бараа и по Кој копнееја, Месијата на луѓето, пристигна“. Останувајќи будни во исчекување на Господ, можеа да го пречекаат во новоста за неговото доаѓање, рече Светиот Отец.
Изразувајќи загриженост за денешните христијани кои можеби станаа премногу задлабочени во себе и во вревата на секојдневниот живот за да го препознаат постојаното присуство на Бога, Светиот Отец предупреди на опасноста од „дремењето на духот“, односно состојбата кога „ срцето заспива, ја анестезираме душата, ја затвораме надежта во мрачните ќошиња на разочарувањето и резигнацијата“. Зборувајќи со луѓето со посветен живот, Папата праша дали можеби интензивниот ритам на живот не ги навел да заборават на важноста да се чека Бог со отворено срце за неговите објави и присуството.
Светиот Отец потоа истакна две пречки кои ја попречуваат способноста за чекање. Првата е занемарувањето на внатрешниот живот, каде што заморот го заменува восхитот, а горчината ја засенува благодарноста. Друга пречка е прилагодувањето на световниот начин на живот, кој се карактеризира со брзина, активизам и стремеж кон моментално задоволство. Во таков контекст, во паганско време, објасни тој, чекањето станува предизвик кој бара подготвеност да се забави.
„Таму каде што тишината е избркана и изгубена, чекањето не е лесно, бидејќи бара став на здрава пасивност, храброст да се забави, активностите да не нѐ затрупуваат, да направиме простор за Божјото делување во нас“, рече тој.
За да се направи тоа, продолжи папата Фрањо, потребно е „да се врати изгубената благодат: да се вратиме, преку интензивен внатрешен живот, на духот на радосното смирение, тивката благодарност“, која се негува со обожување, молитва и повторно будење на копнежот за Бога.
Папата повика да се негува духот на чекање, внимавајќи „духот на светот да не влезе во нашите монашки заедници, црковниот живот и нашето лично патување, во спротивно нема да вродиме плод“.
„Созревањето во молитвата и секојдневната верност, чекањето нè ослободуваат од митот за ефикасноста, од опседнатоста за ефект над сè, од затворањето на Бога во нашите категории, бидејќи тој секогаш доаѓа на непредвидливи начини, во време кога ние не избираме и на начини на кои не очекуваме“, истакна Папата. Како Симон, „да го примиме ова Дете, Бог на новоста и изненадувањето“. Пречекувајќи го Господа, минатото се отвора за иднината, старото во нас се отвора кон новото кое Тој го буди“.
Папата Фрањо ја заврши проповедта потсетувајќи ги присутните дека „овие прашања се за нас, за нашите заедници и за Црквата“. „Да бидеме немирни, да бидеме трогнати од Духот како Симон и Ана. Ако живееме во исчекување, како нив чувајќи го нашиот внатрешен живот и живеејќи во согласност со Евангелието, ќе го прегрнеме Исус, светлината и надежта на животот“.
Ватикан њуз/к.мк