На првата Генерална аудиенција одржана во новата година во салата Павле VI. папата Фрањо продолжи со серијата катехези за молитвата ‘Оче наш’, толкувајќи ја револуцијата на Евангелието. Светиот Отец при тоа истакна дека христијанин е оној кој се препознава дека е дете Божјо.
Да се моли со срце, без лицемерие, да се живее како дете давајќи сведоштво, не мразејќи и не говорејќи лошо за другите – со тие зборови папата Фрањо во катехезата во среда 2 јануари 2019 година потсети на молитвата Оче наш и даде предлог за патот по кој треба да оди христијанинот, кој е грешник како сите луѓе, но способен да се признае за дете. Папата така ја опиша „револуцијата на Евангелието“, која секогаш не турка напред и не нѐ остава мирни.
Божјото таинство во срцето
Блаженствата, во говорот на гората, се славенички украсен лак, лак на среќата кој се надвива над сиромашните, кротките, луѓето со понизни срца; луѓе до кои тогаш, но и денес не се посветувало посебно внимание. Тоа е револуцијата на Евангелието. Каде е Евангелието, таму е револуцијата. Евангелието не нѐ остава мирни, не гони напред, тоа е револуционерно. Сите луѓе се способни за љубов, миротворците кои до тогаш биле на работ од историјата, се градители на Царството Божјо. Исус како да кажал: напред, вие кои во срцето го носите таинството на Бог, кој својата семоќ ја објави во љубовта и простувањето – рече Светиот Отец.
Историјата се обрнува
Новоста на Евангелието произлегува од таа влезна порта, која ги обрнува историските вредности; Законот не треба да се укине, туку треба да му се врати неговото изворно значење, овоплотен во сопствениот живот сѐ до последните последици – истакна Папата. Љубовта нема граници; може да се сака својот сопружник, својот пријател, па дури и непријателот со потполно нова перспектива. А јас ви велам: љубете го непријателите свои, благословувајте ги оние што ве колнат, правете им добро на оние што ве мразат и молете се за оние што ве навредуваат и гонат, за да бидете синови на вашиот Отец небесен; зашто Он го остава Своето сонце да грее над лошите и над добрите, и праќа дожд на праведните и на грешните (Матеј 5,44-45).
Тајна е да се признаеме за деца на Отецот
Тоа е големото таинство, кое е во центар на целиот говор на гората: бидете синови на вашиот Отец небесен – објасни папата Фрањо и предупреди: Меѓутоа текстот од поглавието на евангелието според Матеј не треба да се смета за морален, туку теолошки. Христијанин не е некој кој се труди да биде подобар од другиот; тој знае дека е грешник како и сите други. Хрстијанинот е едноставно човек кој знае да застане пред новата Грмушка која гори, пред објавата Божја, која не носи сокриено име, кое не може да се изговори, туку кој од своите деца бара да го повикуваат со името „Оче“, да дозволат неговата сила да ги обнови и да одржуваат простор на неговата присутност во овој свет, кој е многу жеден за добро, кој толку многу очекува добри вести.
Подалеку од лицемерите и паганите
Светиот Отец потоа потсети дека Исус ги воведува во учењето на Оче наш, оградувајќи се од лицемерите кои се молат како другите би им се восхитувале, кои се соблазна за Црквата. Колку пати гледаме соблазна од луѓето кои одат на црква и таму остануваат цел ден, или одат во црква секој ден, а потоа ги мразат другите или зборуваат грдо за луѓето. Тоа е соблазна. Подобро е да не одат на црква. Нека живеат како атеисти! Но ако одиш на црква живеј како дете, како брат и давај вистинско сведоштво, а не против-сведоштво. Христијанската молитва – додаде Папата – нема друг веродостоен сведок освен власта на совеста, во која интензивно се води постојан дијалог со Отецот.
Исус се оградува од паганите – напомена Светиот Отец – кои веруваат дека да се моли значи да се разговара со Бог како папагал, простете на изразот – рече Папата. Но не! Треба да се моли од срце, од внатрешноста. Ти напротив – вели Исус – кога молиш, обраќај се на Бог како син на својот татко, кој знае што му е потребно уште пред го помоли. (сп. Матеј 6,8).
На Бог не му се потребни жртви
Освен тоа Папата напомена дека молитвата „Оче наш“ би можела да биде и тивка молитва; доволно е да се застане пред Божјиот поглед да се спомне на неговата татковска љубов и тоа е доволно за да бидеме услишани. Убаво е да се мисли дека на нашиот Бог не му се потребни жртви како би ја придобиле неговата наклонетост! На нашиот Бог ништо не му треба; во молитвата бара само да бидеме отворен канал за комуникација со Него, како секогаш би се откривале дека сме негови љубени деца. А тој толку многу нѐ љуби – истакна Папата во денешната катехеза.
После радосниот и интересен настап на уметниците од кубанскиот циркус кој – како што рече Папата – донесува убавина која секогаш го воздигнува срцето за добро, нѐ води до добрината, нѐ води до Бог. Поздравувајќи ги присутните поклоници Светиот Отец потсети на празникот Богојавление и поттикна да се угледаме на мудреците, кои го подигнуваат погледот кон небото. Само така ќе можеме да ја видиме ѕвездата која нѐ повикува да одиме по добрите патишта – рече на крајот папата Фрањо.
Ватикан њуз/к.мк