На празникот Пресвета Троица на плоштадот Свети Петар папата Фрањо ја предводеше молитвата Ангел Господов, а во пригодниот наговор истакна дека празникот Пресвета Троица ни овозможува да размислуваме за таинството на Бог, кој постојано создава, откупува и посветува, секогаш со љубов и од љубов.
Бог не е апстрактен, туку преку својата љубов ни е близок – истакна папата Фрањо за време на молитвата Ангел Господов на 27 мај 2018 година. Со оглед на тоа дека оваа недела Црквата го слави празникот Пресвета Троица, Светиот Отец во својот пладневен говор размислуваше за тоа централно таинство на христијанската вера и живот (сп. ККЦ 234). Тој напомена дека денешните литургиски читања ни помагаат да сфатиме дека Бог не сака само да ни се обајви дека постои, туку дека тој е „Бог со нас“, кој ни е близок, кој нѐ љуби, кој оди со нас, кој се интересира за нашата лична историја и која се грижи за секој, поаѓајќи од најмалите и оние во најголема потреба.
Тој е Бог „горе на небото’, но истовремено е „тука на земјата“ (сп. 5 Мојсеева 4,39) – истакна Папата и продолжи: Од таа причина не веруваме во едно оддалечено, рамнодушно битие, не! Туку веруваме во љубовта, која ја создаде вселената и народот, стана тело, за нас умре и воскресна и дека Светиот Дух сѐ преобразува и доведува до полнина.
Светиот Отец потсети дека свети Павле, кој лично го доживеа тоа преобразување кое го направи Бог – Љубов, ја соопштува Божјата желба да се нарекува Отец или уште подобро „татко“, со потполна доверба на дете кое се предава во рацете на оној кој му дарува живот. Светиот Дух прави Исус Христос да не биде лик од минатото, туку да почувствуваме дека е близу, дека е наш современик, да ја искусиме радоста да се биде деца, кои Бог ги љуби.
Во Евангелието Воскреснатиот ветува дека ќе биде со нас: „И ете, Јас сум со вас преку сите дни до свршетокот на светот” (Матеј 28,20). Благодарејќи на неговата присутност и моќта на неговиот Дух можеме мирно да го оствариме посланието кое ни е доверено – рече папата Фрањо, објаснувајќи дека нашето послание е да го проповедаме и навестуваме на сите неговото евангелие и така да го шириме заедништвото со Него и радоста која произлегува од него.
Христијанинот не е изолирана личност, туку дел од народот
Од таа причина празникот Пресвета Троица ни овозможува да размислуваме за таинството на Бог, кој постојано создава, откупува и посветува, секогаш со љубов и од љубов. Од почеток одбра да оди заедно со човештвото и да создаде народ кој е благослов за сите народи и луѓе, не исклучувајќи никој – рече Папата и продолжи: Христијанинот не е изолирана личност, туку припаѓа на народот кој го создава Бог. Не можам да бидам христијанин без таа припадност и заедништво – напомена Папата и заврши: Ние сме народ, народ Божји!
РВ/к.мк