Папата: „Мигрантите малолетници се ранливи и без глас“

Папата: „Мигрантите малолетници се ранливи и без глас“

На 13 октомври 2016 година е објавена пораката на папата Фрањо за следниот Светски ден на мигрантите и бегалците кој ќе се слави на 15 јануари 2017 година на тема „Мигрантите малолетници: ранливи и без глас.“

Во пораката Папата ги повикува сите луѓе да се грижат за малолетните мигранти и бегалци кои се „незаштитени на три начини“: малолетни се, странци и беспомошни. Повикува на промена на перспективата во земјите кои ги примаат бегалците: во овој феномен „треба да се препознае Божјиот план“ и покрај сите потешкотии.

Папата истакна дека меѓу бегалците, децата и младите ја сочинуваат најранливата група. Без сигурност и документи далеку од очите на јавноста; без да ги придружуваат возрасни, не можат да го подигнат својот глас за да се слушне. Малолетните мигранти и бегалци се жртви на угнетување. Папата Фрањо се прашува: Како да се одговори на таа реалност?

Пред сѐ треба да станеме свесни дека феноменот на миграција не е одвоен од историјата на спасението, туку ѝ припаѓа. Црквата ги препознава проблемите поврзани со миграцијата, но сеедно нѐ охрабрува да го препознаеме Божјиот план. Светиот Отец објаснува дека никој не е странец во христијанската заедница која го прифаќа „секој народ, племе, народ и јазик“ (Откр 7,9). Секој човек е скапоцен, поважен од нештата – истакна Папата и додава дека вредноста на некоја институција се мери со начинот како се однесува кон животот и достоинството на луѓето посебно кон најранливите, во овој случај децата.

Светиот Отец сфаќа дека се работи за сложен феномен и затоа е потребно да се оди до коренот на проблемот. Причини за бегалската криза се војните, повредите на човековите права, корупцијата, сиромаштвото како и нарушувањето на природната рамнотежа и природните катастрофи. За да се реши овој проблем првиот чекор е ангажманот на целокупната меѓународната заедница во искоренувањето на конфликтите и злосторствата кои луѓето ги присилуваат на бегство. Својата порака папата Фрањо ја завршува со следните зборови:

„На крајот би сакал да упатам збор до вас кои одите заедно со малолетните мигранти и бегалци: на нив им е потребна вашата помош. И на Црквата ѝ сте потребни и таа ве поддржува во вашата великодушна служба. Не се изморувајте во храброто живеење на Евангелието кое ве повикува да го препознаете Господ Исус меѓу најмалите и најранливите.“

РВ/к.мк

Не е дозволено преземање на оваа содржина или делови од неа за понатамошно користење во печатена, дигитална или било која друга форма за умножување без писмена дозвола од редакцијата на Католици.мк

Категорија: Ватикан, Вести

За авторот