Лицемерието не е Исусовиот јазик, ниту пак треба да биде јазик на христијанинот, бидејќи „лицемерот е способен да ја убие заедницата“ – рече папата Фрањо на проповедта во домот Света Марта, за време на Литургијата која ја служеше на 6 јуни 2017 година. Папата повтори дека по примерот на Исус, јазикот на христијанинот треба да биде вистина и предупреди на искушението лицемерие и ласкање.
Тежиштето на проповедта Светиот Отец ја стави на зборот кој многу пати Исус го користеше и ги опишуваше учителите на Законот. Тие се лицемери, бидејќи „покажуваат една работа, а мислат на друга, како што кажува и самата етимологија на зборот“ – рече Папата.
Овие учители на Законот „зборуваат, судат“ едно, но мислат нешто друго. Тоа е лицемерие. „А лицемерието не е Исусовиот јазик. Лицемерието не е јазик на христијанинот. Христијанинот не може да биде лицемер, ниту пак лицемерот е христијанин. Тоа е многу јасно. Зборот кој Исус го користи за нив е „лицемер“. Да видиме како тоа оди… Лицемерот секогаш ласка – во поголема или помала мера – но е ласкавец – рече папата Фрањо.
Тие всушност сакаат да му ласкаат на Исус и секогаш започнуваат со ласкање. Ласкањето е, исто така да не се каже вистината, да се преувеличува, како би пораснала суетата. Папата потсети на случајот со некој свештеник, „одамна познат“, кој се топел на „сите ласкања, кои му ги давале; тоа било неговата слабост“ – рече Папата.
Ласкањето започнува со „зла намера“. И токму тоа е случајот со закониците, за кои што слушнавме во извадокот од денешното Евангелие, во кое го искушуваат Исус, започнуваат со ласкање, за покасно да му постават прашање, како би го фатиле на збор: „Треба ли да се дава данок на царот или не? Да даваме ли, или да не даваме?”
Тука лицемерот има две лица. А Исус, познавајќи го нивното лицемерие, јасно вели: Зошто Ме искушувате? Донесете Ми еден динариј да го видам!” Исус на лицемерите и идеолозите секогаш им одговара со реалноста. Реалноста е таква, сето друго е лицемерие или идеологија. Покажува каква е реалноста и одговара со мудроста Господова; „Подајте го царевото на царот – бидејќи реалноста е таа што на парата го има втиснато ликот на царот – а Божјото на Бога!”
Третиот поглед е „што тој јазик на лицемерието е јазик на измама; тоа е истиот змијски јазик кој се обрати на Ева“. Започнува со ласкање, а потоа ги уништува луѓето, дури и ја „соблекува интимата и душата на личноста“ Ја убива заедницата“. „Кога во некоја заедница има лицемер – предупреди Папата – тука постои голема и грда опасност“. Господ ни има кажано: „ Но зборот ваш да биде: да, да, – не, не, а сè што е повеќе од тоа, од лукавиот е.“
Колку лицемерието ѝ прави зло на Црквата – рече огорчено Папата и предупреди на „христијаните кои паѓаат во тоа грешно однесување, кое убива“. Лицемерот е способен да ја убие заедницата. Зборува слатки зборови, а грубо ја осудува личноста. Лиицемерот е убиец. Да го запаметиме ова: Кога ќе започне со ласкање, да одговориме само со реалната состојба. Нека не ни доаѓаат со приказни, реалноста е тоа и тоа; како и со идеологијата: реалноста е оваа!
И на крај, тој е истиот чаталест ѓаволски јазик, кој сее по заедниците со цел да ги уништи. Да го молиме Господ да бдее над нас за да не паднеме во порокот на лицемерието, да не се служиме со трикови и лоши намери. Господ нека ни ја даде таа милост: Господи, никогаш не дозволувај да бидам лицемер, дај да знам да ја кажам вистината – или ако тоа не го знам – да молчам, но никогаш лицемерие“ – гласно молеше на крајот од проповедта Светиот Отец.