Папата Лав XIV го посети гробот на Свети Павле и се помоли: „Господ нека ми даде благодат верно да одговорам на Неговиот повик“.
Во вторник попладне, 20 мај 2025 година, папата Лав ја посети базиликата Свети Павле надвор од ѕидините — римска црква, во која се наоѓаат земните остатоци на апостол Павле.
По момент тивка молитва пред гробот на светецот, Папата ја предводеше кратката богослужба.
Во проповедта, папата Лав се осврна на читањето од Посланието на Свети Павле до Римјаните, во кое, како што рече, се издвојуваат три суштински теми — благодат, вера и оправдување — кои можат да ѝ дадат светлина на Петровата служба, на која е повикан.
Благодат
Папата започна со размислување за првата од овие теми — благодатта, односно Божјата помош.
Повикувајќи се на Посланието до Римјаните, Папата рече дека апостолот Павле сведочи оти го сретнал Христос само затоа што Христос прв го побарал. Средбата и посланието на Павле биле „плод на претходната Божјата љубов, која го повика на нов живот уште додека бил далеку од Евангелието“.
Свети Августин споделува слична мисла, потсети Папата, кога прашал: „Како можеме да избереме, ако прво не сме избрани? Како можеме да љубиме, ако некој не нè возљубил претходно?“
Не можеме да живееме добар живот без Божјата благодат, нагласи Папата, додавајќи дека токму таа вистина е „во основата на секој повик“.
Вера
Потоа Папата се осврна на верата како втора клучна димензија во повикот на Павле.
Кога Бог му се објавил на Павле на патот кон Дамаск, рече папата Лав, „не му ја одзел слободата, туку му понудил можност да избере“.
„Спасението не доаѓа по пат на магија“, објасни Папата, „туку преку таинствена синергија меѓу Божјата благодат и нашата вера — меѓу Божјата љубов која ни претходи и нашето слободно и доверливо прифаќање“.
Оправдување
За последната тема, Папата говореше за оправдувањето — процесот на постепено осветување.
Делата на светите апостолите пренесуваат дека, по неговото видение за Воскреснатиот Христос, Павле престанал да ги прогонува христијаните и започнал да соработува со нив.
Папата ги повика присутните да се „натпреваруваат“ во покажувањето на ваков вид љубов — љубов што го поттикнала Павле целосно да се посвети на другите, дури и со мачеништво.
Љубовта како основа на секое послание
На крајот од проповедта, папата Лав го цитираше папата Бенедикт XVI: „Бог нè љуби. Тоа е големата вистина на нашиот живот; тоа е она што му дава смисла на сè друго.“
Ова сознание, додаде тој, е „темелот на секое послание“ — вклучително и на „моето лично послание како наследник на Петар и продолжувач на апостолската ревност на Павле“.
„Господ нека ми даде благодат верно да одговорам на Неговиот повик“, заврши Папата.
Ватикан њуз/к.мк