Папата Лав се моли за жртвите од конфликтите и повикува на помирување и мир

Папата Лав се моли за жртвите од конфликтите и повикува на помирување и мир

На крајот од молитвата Ангел Господов, папата Лав XIV се помоли за жртвите од конфликтите и упати повик за мир. Тој ја изрази својата близина со жителите на Папуа Нова Гвинеја и другите земји погодени од суша, се обрати до младите во пресрет на Светскиот ден на младите во Сеул во 2027 година, ги поздрави монахињите и монасите кои живеат во клаузура и се осврна на ручекот со сиромашните во Ватикан.

Папата Лав XIV се помоли за жртвите од конфликтите низ целиот свет и ги повика одговорните да работат за мир, по молитвата Ангел Господов на плоштадот „Свети Петар“ во недела, 22 ноември 2026 година.

„Да се молиме за жртвите од многубројните конфликти кои, за жал, продолжуваат да сеат смрт и страдање низ целиот свет, како и за оние што се на одговорни позиции, за без одлагање да се посветат на изнаоѓање решенија за помирување и мир.“

Папата изрази близина со земјите погодени од суша

Папата ги насочи своите мисли и молитви и кон жителите на Папуа Нова Гвинеја и другите земји од Пацификот погодени од суша.

„Сакам да ја изразам својата близина со сите што страдаат поради оваа вонредна состојба и истовремено да им се заблагодарам на оние кои работат за да им помогнат на најпогодените“, рече тој.

Екстремната суша погоди повеќе земји во Пацификот поради Ел Нињо, климатска појава поврзана со невообичаено високи температури на површината на океанот. Последиците се уништени земјоделски култури, раст на цените на храната и сериозни нарушувања во секојдневниот живот.

Во пресрет на Светскиот ден на младите во Сеул

Бидејќи во недела, 22 ноември, Црквата го слави празникот на нашиот Господ Исус Христос, Царот на вселената, во бискупиите низ светот се одбележува и Светскиот ден на младите.

Папата Лав ги повика младите „да имаат храброст да бидат кротки и понизни како Христос“.

„Нека Неговата љубов биде ваша сила“, додаде Папата, објаснувајќи дека „Христовата победа не е световна победа, туку победа на еден понизен Цар кој се поистоветува со најмалите меѓу нас“.

Папата се осврна и на меѓународниот Светски ден на младите, кој во август 2027 година ќе се одржи во Сеул, Јужна Кореја.

„Од денес младите ќе бидат придружувани од Исусовите зборови ‘Бидете храбри, Јас го победив светот!’, мотото на 41. Светски ден на младите, кој следниот август ќе се одржи во Сеул.“

Благодарност до монашките заедници во клаузура

Папата Лав XIV упати посебен поздрав до монахињите и монасите кои живеат во клаузура, откако во саботата, 21 ноември, на празникот Воведение на Пресвета Богородица, Црквата го одбележа Светскиот ден на монашкиот живот во клаузура.

„Ви благодарам за вашите молитви! Нека на овие заедници никогаш не им недостига потребната поддршка“, рече Папата.

Ручек со сиромашните

На крајот папата Лав XIV се осврна и на ручекот со околу 1.300 сиромашни и ранливи лица во салата „Павле VI“ во Ватикан, кој се одржа по молитвата Ангел Господов.

„Би сакал ова да биде знак на еден начин на живот што треба да го практикуваме секој ден, дух на братско споделување кој никого не остава сам во моментите на потреба“, нагласи Папата.

Традицијата на ваквиот ручек започна во 2017 година, кога папата Фрањо го востанови Светскиот ден на сиромашните.

Папата Лав XIV објасни дека годинава ручекот бил одложен за една недела поради неговото отсуство за време на апостолското патување во Латинска Америка.

Ватикан њуз/к.мк

Категорија: Ватикан, Вести

За авторот