За време на Генералната аудиенција, папата Лав XIV го спомна „саканиот народ на Мозамбик“, погоден од катастрофалните поплави, и ги изрази своите молитви за жртвите, ветувајќи ја својата близина со најблиските, раселените лица и спасувачките екипи.
„Моите мисли се особено со саканиот народ на Мозамбик, кој беше погоден од катастрофални поплави.“
Папата Лав го истакна ова за време на Генералната аудиенција во Ватикан во среда, 28 јануари 2026 година. Обраќајќи се пред ходочесниците што зборуваат португалски, тој потсети на погодените од природната катастрофа.
„Молејќи се за жртвите, ја изразувам мојата близина со раселените и со сите што им нудат поддршка“, рече Папата, додавајќи: „Господ нека ви помогне и нека ве благослови!“
Најмалку 137 лица загинаа, а околу 812.000 се погодени од поплавите предизвикани од обилните дождови во Мозамбик од минатиот октомври, објави во вторник Националниот институт за управување со катастрофи (INGD), објавувајќи ги најновите бројки за катастрофата.
Земјата во југоисточна Африка моментално е на врвот на дождовната сезона, која започна во октомври 2025 година и се очекува да заврши во март 2026 година.
Во меѓувреме, обраќајќи се пред полските ходочесници, Папата потсети дека поминаа триесет и пет години од обновувањето на Воениот ординаријат во Полска, „чија задача“, истакна тој, „е да ја формира совеста на оние што се посветени на служба на Бога и Татковината“.
Во овој контекст, папата Лав рече: „Верноста кон Божјото Слово и Преданието на Црквата нека биде компас на пастирската служба, особено во делење на Светит Таинства во ситуации на искушение и несигурност“.
Исто така, тој ги повика ходочесниците што зборуваат арапски „да го зачуваат залогот на верата и верно да го пренесуваат, секогаш просветлени од Светиот Дух кој ја води Црквата кон полнота на вистината“.
На крајот, во обраќањето до ходочесниците што зборуваат француски, Папата потсети дека Црквата денес го одбележува споменот на Свети Тома Аквински, Учител на Црквата. Тој се помоли саканиот светец „да нè води во разбирањето на Светото Писмо, кое го коментираше со толку голема мудрост, за да можеме да разбереме колку Бог нè сака и го посакува нашето спасение“.
Ватикан њуз/к.мк

