Папата Лав: Заедно сме со младите од Газа, Украина и земјите погодени од војна

Папата Лав: Заедно сме со младите од Газа, Украина и земјите погодени од војна

На крајот од завршната света Литургија за Јубилејот на младите, во недела 3 август 2025 година, папата Лав потсети на младите кои страдаат од „најсериозните зла“ предизвикани од други човечки битија, конкретно спомнувајќи ги разорените Газа, Украина и „секоја земја крвава од војна“.

Непосредно пред завршувањето на светата Литургија за Јубилејот на млади на полето Тор Вергата во Рим, папата Лав ја изрази својата близина и солидарност со младите кои страдаат во Газа, Украина и сите што живеат во делови од светот погодени од војна.

„Во заедништво со Христос, нашиот мир и надеж за светот, сме поблиску од кога било до младите кои страдаат од најсериозните зла што ги предизвикуваат други човечки битија. Ние сме со младите од Газа. Ние сме со младите од Украина, со оние од секоја земја крвава од војна. Мои млади браќа и сестри, вие сте знак дека е можен поинаков свет – свет на братство и пријателство, каде што конфликтите не се решаваат со оружје, туку со дијалог.“

Сочувство за Марија и Паскале

Папата, исто така, изрази сочувство и жалење за смртта на двете млади ходочеснички, Марија од Шпанија и Паскале од Египет, кои починаа за време на нивниот престој во Рим поради ненадејни здравствени компликации.

Му благодариме на Бога

Овие зборови на Папата беа изречени непосредно пред молитвата Ангел Господов, кога тој ги упати своите поздрави до над еден милион ходочесници присутни на неделната света Литургија на отворено.

Тој ја искористи можноста да ги повика сите да ја изразат својата благодарност кон Бога за дарот на овие денови од нивниот Јубилеј.

Папата рече дека излевањето на Божјата благодат врз Црквата и целиот свет се гледа во учеството на сите млади луѓе и им се заблагодари од сè срце. Ги поздрави илјадниците епископи, свештеници, верски и пасторални водачи кои ги придружуваа младите, изразувајќи благодарност за нивната пасторална грижа, како и за сите кои ги понудија своите молитви и духовно учествуваа во настаните.

Светски ден на младите 2027 во Сеул, Кореја

На крајот, Папата потсети дека по овој Јубилеј, „Ходочестие на надежта“ во Рим, следната дестинација ќе биде Азија, каде што Петровиот наследник ќе им се придружи на младите за прославата на Светскиот ден на младите во Сеул, Кореја, од 3 до 8 август 2027 година. Темата на следниот Светски ден на младите е земена од Евангелието според Иван, стихот што потсетува на Исусовите зборови до учениците на Последната вечера: „Бидете храбри! Јас го победив светот.“

Папата рече дека надежта што пребива во нашите срца нека ни даде сила да ја навестиме победата на Воскреснатиот Христос над злото и смртта. Токму оваа реалност им дава на младите ходочесници надеж и храброст да бидат сведоци до крајот на земјата. Тој додаде дека треба да продолжиме да сонуваме и да се надеваме заедно во пресрет на следната средба во Сеул, доверувајќи се на мајчинската заштита на Пресвета Богородица.

Ватикан њуз/к.мк

Категорија: Ватикан, Вести

За авторот