Папата Лав XIV ја истакна вредноста на спортот во промовирањето на развојот на телото и духот, за време на средбата со Италијанската пливачка федерација.
Папата Лав XIV во четврток, 25 јуни 2026 година, се сретна со членовите на Италијанската пливачка федерација и со учесниците на Меѓународното првенство во пливање.
Шеесет и вториот трофеј „Сете Коли“ се одржува на историскиот пливачки стадион „Форо Италико“ во Рим, од 26 до 28 јуни, и служи како последен квалификациски настан пред претстојното Европско првенство и Медитеранските игри.
Во своето обраќање, Папата рече дека спортот, кога правилно му се пристапува, може да биде лек за телото и духот.
„Тој ги обединува различните димензии на личноста и ги насочува кон многу важни вредности, како што се посветеноста, солидарноста и чесноста“, рече тој.
Во натпреварувачките спортски активности, додаде Папата, спортистот го открива квалитетот на својата мотивација, додека ја користи волјата и стремежот за постигнување на посакуваните резултати.
Освен за телесното здравје, спортот, особено пливањето, нуди и можност за духовна храна, истакна папата Лав.
„Пливањето се практикува во елементот вода, кој ја опкружува личноста“, рече тој. „Тоа симболично нè потсетува на еден аспект што нè обликува уште од утробата на нашата мајка. Да се живее значи да се учи да се движиме во хармонија со другите и со средината што нè опкружува.“
За христијаните, истакна тој, водата го симболизира Крштението и нашиот нов живот во Христос.
Папата Лав потсети дека учесниците на натпреварот за трофејот „Сете Коли“ доаѓаат од целиот свет, инспирирани од истата страст и од вредности што ги надминуваат јазикот и културата.
„Овој аспект, типичен за меѓународните спортски настани, е знак на надеж, знак за светот што го посакуваме“, рече тој. „Тој придонесува за мирна средба меѓу народите и за братство.“
Папата Лав XIV ги охрабри професионалните пливачи да продолжат да вежбаат и да ги шират вредностите на спортот, доверувајќи ги на застапништвото на свети Пјер Џорџо Фрасати.
„Времето на натпреварите поминува, но тие вредности остануваат“, рече тој.
Ватикан њуз/к.мк

