Папата Лав XIV беше подложен на операција во болницата „Џемели“, при што лекарите го отстранија долниот лобус на неговото десно белодробно крило, соопшти Канцеларијата за печат на Светиот Престол.
Папата Лав XIV во вторникот попладне, 13 октомври 2026 година, како што беше планирано, беше подложен на торакална операција во болницата „Џемели“, се наведува во соопштението на д-р Луиџи Карбоне и професор Стефано Маргаритора, објавено од Канцеларијата за печат на Светиот Престол.
Хирурзите го отстранија долниот лобус на десното белодробно крило на Папата. „За да се обезбеди радикална ресекција, долниот лобус на десното белодробно крило беше отстранет со видео-асистирана техника“, се наведува во соопштението.
Испитувањето на ткивото извршено за време на операцијата ја потврди дијагнозата за која лекарите се сомневале врз основа на претходно направените прегледи.
„Интраоперативното хистолошко испитување ја потврди дијагнозата на аденокарцином на белите дробови, како што беше претпоставено врз основа на предоперативните испитувања“, соопштија лекарите.
Папата помина приближно три часа во операционата сала, додека самиот хируршки зафат траеше околу 90 минути. Лекарите соопштија дека операцијата била успешна и дека немало компликации.
Папата Лав нормално се разбудил по операцијата и, по краток период на набљудување, бил вратен во својата соба на десеттиот кат од болницата, се наведува во соопштението.
Професор Маргаритора го предводеше хируршкиот тим, со помош на професор Елиса Меачи, д-р Марија Тереза Конџедо и д-р Леонардо Петрака Чаварела.
Тимот за анестезија го сочинуваа професор Масимо Антонели, д-р Џовани Пунцо и д-р Џузепе Бело.
По операцијата, на папата Лав му била послужена вечера во неговата соба, а вечерта ја поминал во друштво на своите секретари и други соработници од Ватикан.
Резултатите од понатамошните испитувања ќе бидат објавени веднаш штом бидат достапни.
Ватикан њуз/к.мк

